Кој и колку добива од најавените 470 милиони евра од четвртиот пакет на Владата


Со пакетот 4 економски мерки вреден 470 милиони евра обезбедуваме одржливост на домашните економски дејности и на работните места, закрепнување на одредени дејности, стабилност на социјалните трансфери и поттик на јавната потрошувачка со директна помош за граѓаните, најави денес на прес конференција премиерот Зоран Заев.

Заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека 1 милијарда и 20 милиони евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација, рече Заев.

Во продолжение ги пренесуваме сите 31 мерка кои денес беа претставени – за кого се наменети и колку средства се предвидени за секоја од нив:

Мерка 1: Поддршка за исплата на плати

Продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември.

Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде одредена скалесто согласно падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари.

Со новата методологија за државна помош за исплата на платите ќе бидат поддржани 83.000 работни места, на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал

Вредноста на оваа мерка изнесува 70 милиони евра и за да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година.

Оваа мерка важи и за самостојните вршители на дејности, односно трговците поединци, лицата што вршат земјоделска дејност, занаетчиска дејност и лица што вршат други услуги.

Мерка 2: Платежни картички за граѓаните

Платежни картички со износ од 6.000 денари ќе добијат 5.726 самохрани родители, пензионерите со пензии до 15.000 денари, односно 182.271 пензионери, невработените кои се пасивни баратели на работа, односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници чија бројка е 520 корисници.

Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички.

Плус поддршка за ученички и студентски стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици.

Ќе се помогнат и граѓани над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи.

Оваа мерка опфаќа над 283.000 граѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра.

Мерка 3: Зголемување на грејс периодот на бескаматните кредити од КОВИД-1

Со оваа мерка, преку Развојната банка на Република Северна Македонија, на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка, ќе им бидат обезбедени дополнителни 3 месеци грејс период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити.

Мерка 4: Нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка

Овие поволни кредити од Развојната банка се обезбедени преку Европската инвестициона банка и ќе бидат пласирани во јануари 2021, преку деловните банки за поддршка на домашните компании, со исклучително ниска камата.

Мерка 5: Поддршка со плати за туристичките водичи

На 150 регистрирани туристички водичи за месеците октомври, ноември и декември, ќе им биде исплатена минимална бруто плата во висина 21.776 денари.

Мерка 6: Поврат на туристичката такса за 2019 година

На 4.740 субјекти кои организирале ноќевања во 2019 година, ќе им бидат вратени 2 милиони евра, колку што изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во таа година.

Мерка 7: Грантови за туристички агенции

Корисници на оваа мерка ќе бидат 500 туристички агенции, а нејзината вкупна вредност изнесува 1,9 милиони евра за грантови од 3.000 до 7.000 евра за сите туристички агенции во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, и во зависност од тоа дали се носители на А или Б лиценца.

Мерка 8: Намалување и/или укинување на парафискалните давачки

Многу бргу, во соработка со стопанските комори, ќе следува утврдување на листа од приоритетни парафискални давачки, како што се надоместоци, такси, дозволи, лиценци, плаќања за издвојување средства по разни основи и нивно тековно намалување и/или укинување на некои од нив.

Мерка 9: Грантови за ресторани за свадби

Поддршка ќе добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од 1 милион евра.

Грантовите одделно се во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година.

Се отвора опцијата за регистрација на таквата дејност затоа што еден дел од овие дејности се регистрирани за организирање свадби, а еден само за достава на храна.

Мерка 10: Продолжување на лиценците за работа на дискотеките, ноќните клубови како и за компаниите од транспортната заедница

Согласно регистрацијата за работа, на околу 120 дискотеки и ноќни клубови, како и на околу 7.000 транспортери, ќе им се продолжи лиценцата за работа и во 2021 со 0 денари надомест, со тоа што транспортерите ќе добијат ослободување плус уште за една година во зависност од тоа кога им истекува лиценцата што ја добиле.

Мерка 11: Грантови за игротеки за деца

За околу 1.000 игротеки ќе се обезбедат грантови во висина од 1.000 до 5.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година, а целата вредност на оваа мерка изнесува 2,5 милиони евра.

Мерка 12: Поддршка за занаетчиите

Се предвидува намалување на ДДВ на нивните услуги и производи од 18% на 5% за да зајакне нивната конкурентност на пазарот.

На самостојните вршители на дејности, односно на занаетчиите, им остануваат на располагање и другите мерки, како оние за поддршка за исплата на платите или пристапот до поволните кредити од Развојната банка.

Мерка 13: Државна кредитна гаранција

Со оваа мерка државата става на располагање 10 милиони евра финансиски средства за поддршка на компаниите за полесен пристап до евтини финансиски средства, преку преземање на дел од кредитниот ризик. Со државната гаранција од 10 милиони евра на стопанството ќе му бидат на располагање кредити со вредност од 65 милиони евра.

Мерка 14: Државна царинска гаранција

Оваа мерка има за цел да им обезбеди поголем извоз на компаниите и полесен пристап до суровини.

Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг се поддржува извозот и увозот и се олеснува пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка.

Мерка 15:  Дополнително одложување на отплата на кредити за компании, до крајот на годината

Мерка 16: Намалување на казнената камата за јавни давачки за половина од 0,03% на 0,015% до крајот на годината

Мерка 17: Одложување на плаќање на аконтација на данокот на добивка

Мерката предвидува одложување на плаќањето на аконтациите на данокот на добивка до март 2021 година за компании кои имаат пад на приходи поголем од 40%.

Мерка 18: Ослободување од ДДВ за донации од јавен карактер, за уште 12 месеци

Мерка 19: Намалување на стапката за ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци

Со мерката овие услуги ќе се даночат со нова повластена стапка на ДДВ од 10% наместо сегашната редовна стапка од 18%.

Целта на оваа мерка е намалување на сивата економија, пониски цени за граѓаните, како и поголема ликвидност на услужниот сектор за храна и пијалаци.

За оваа мерка се потребни законски измени и таа ќе започне со имплементација од 1 јануари наредната година.

Мерка 20: Одложено плаќање на ДДВ

Со оваа мерка ќе биде дозволено одложено плаќање на ДДВ, седум дена по поднесување на ДДВ пријавата, без камата.

Мерка 21: Бришење на условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување (КПУ) за продолжување на лиценца за сметководители

Корисници на оваа мерка се 9.360 регистрирани сметководители, за кои во 2020 година нема да важи условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување за продолжување на лиценцата сметководителите.

Мерка 22: Зголемување на периодот за покривање на загуби на терет на идни добивки

Со оваа мерка ќе се укине обврската од Законот за данокот на добивка за покривање на загубите на терет на идни добивки. Воедно, со предложените измени, ќе се продолжи рокот за пренесување на загуби на терет до пет години, наместо сегашното законско решение кое утврдува пренесување на загубата до три години.

Оваа мерка стартува оваа година и важи за 2020 и 2021 година.

Мерка 23: Зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка и зголемување на прагот со кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход

Со оваа мерка се предвидува прагот да биде поставен на 5 милиони денари на годишно ниво, согласно кој може да се стане даночен обврзник во режимот на неоданочување.

Исто така, мерката предвидува да се зголеми прагот со кој компаниите би биле дел од режимот на вкупен приход, односно правните лица кои имаат вкупен приход помеѓу 5.000.001 денар и 10 милиони денари, да може да одберат дали да плаќаат данок на добивка или да преминат во режим на данок на вкупен приход од 1%.

Со оваа мерка ќе се ослободат околу 1,15 милиони евра кои компаниите можат да ги пренаменат за инвестиции или за други развојни бизнис планови.

Мерка 24: Признавање на трошокот за приватно здравствено осигурување како признаен расход

Мерка 25: Признавање на расходите за тестирање од КОВИД – 19 како признаен расход

Мерка 26: Намалување на увозни давачки за суровини и репроматеријали

Се обезбедува поддршка за најпогодените преработувачки индустрии, како и поттик за развој на преработувачките капацитети.

Со оваа мерка, покрај сите автономни мерки за суровини утврдени на 24 декември 2019, се вклучува и намалувањето на увозните давачки за природен гас со конечна цел не само економски, туку и еколошки ефект.

Мерка 27: Поддршка за развој на човечкиот капитал

Ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација и тим билдинг.

Ќе се укине данокот на личен доход за трошоци кон вработени кои се однесуваат за обука, квалификации, добивање лиценци, со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на работната сила со која располагаат компаниите, но истовремено ќе се пропише и законски лимит за овие трошоци, на пример една просечна плата на годишно ниво.

Оваа мерка ќе започне да се имплементира од 1 јануари наредната година.

Мерка 28: Поддршка на откуп на грозје од реколта 2020 година

Предвидени се 6.700.000 евра со кои ќе се поддржат производители на винско грозје кои го предале своето грозје кај регистрирани винарски визби, како и винарски визби за транспортните трошоци при извоз.

Секој извозник ќе добие субвенција според количината извезено вино, која ќе се исплаќа скалесто во зависност од количината на извезено вино.

Мерка 29: Ослободување во висина на 2/3 од законски пропишаниот износ за приредувачи на игри на среќа

Со оваа мерка приредувачите на игри на среќа, казината, ќе плаќаат 1/3 од надоместоците за AR (ауто-рулет) маси и други маси.

Мерка 30: Промена на пресметка на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа

При издвојување на средства за единиците на локална самоуправа, наместо само за претходната година како до сега, во предвид ќе биде земена пресметката на просечна наплата на ДДВ за претходните три години.

Мерка 31: Викенд без ДДВ

Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ.

Со ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ.