Кој и кога ги објавува конечните резултати од изборите во САД? Проверивме зошто победникот го прогласија медиумите


По четири дена чекање, неизвесност и напнатост, пет американски телевизии во период од 15 минути го прогласија Џо Бајден за победник на претседателските избори. Проверивме кога резултатите од изборите во Америка се конечни, кој ги објавува и зошто медиумите го прогласија победникот, пишува хрватски Дневник.

 

Си-Ен-Ен во 17 часот и 24 минути по наше време прв го прогласи Џо Бајден за победник на изборите во САД, а Ен-Би-Си и МСНБЦ го сторија истото 55 секунди подоцна. Си-Би-Ес (CBS) го стори истото по една минута, а Еј-Би-Си (ABC) една минута по CBS.

Сите четири телевизии користат исти податоци за броење гласови и излезни анкети за да го предвидат победникот во претседателската трка.

„Окружните, градските, а понекогаш и федералните државни службеници бројат и јавно ги објавуваат гласовите. И тогаш Националниот изборен фонд и Асошиејтед прес испраќаат информации за нив до нашите репортери”, објасни Сем Феист, шеф на канцеларијата на Си-Ен-Ен во Вашингтон.

Иако ги добиваат истите податоци, секој медиум избира кога да прогласи кој победил во секоја од сојузните држави.

„Ние разгледуваме повеќе работи за да се осигуриме во точноста на прогласување на победникот во сојузните држави. Најважно е што е преброено: Од каде доаѓаат гласовите кога станува збор за државната мапа, кои се видовите гласови и колку од вкупните гласови се преброени”, вели Феист.

Времето зависи од разликата во гласовите

Асошиејтед прес и Фокс њуз, кои соработуваат во истражувањето на изборните податоци, ја објавија победата на Бајден малку подоцна од Си-Ен-Ен, во 17 часот и 40 минути. Таа мрежа, заедно со Пенсилванија, ја прогласи победата на Бајден и во Невада, па според Фокс, Бајден има најмногу изборни гласови.

„Времето на објавување зависи од разликата во бројот на гласови меѓу двајцата кандидати, не само кога станува збор за претседателската трка, туку и другите избори“, рече Арнон Мишкин, шеф на тимот на Фокс, задолжен за прогласување на победниците.

Телевизиите објавија дека водството на Бајден во Пенсилванија, кое достигна 34.000 гласови во саботата, беше доволно за да се заврши трката.

„Погледнете, имаме доволно преброени гласови и доволно разлика за да ја прогласиме Пенсилванија, дури и да има пребројување. Сметаме дека е математички невозможно да се смени редоследот во Пенсилванија”, им рече на гледачите политичкиот директор на NBC, Чак Тод.

Кој ги објавува конечните резултати?

Медиумското објавување на победникот нема правна сила, но тоа е проценка на самите медиумски куќи.

Федералните закони им дозволуваат на федералните држави да ги финализираат резултатите повеќе од еден месец по изборите, а оваа година крајниот датум е 8 декември.

Откако сите држави ќе го објават точниот број на електорски гласови, на 14 декември, електорите ќе ги дадат своите гласови за претседател и за потпретседател. Потоа нивните потврди се испраќаат до Конгресот, Државниот секретаријат и Судот на секоја држава, како и во Националните архиви.

Конгресот ги брои електорските (изборните) гласови на 6 јануари, а претседателот на Сенатот, односно сегашниот потпретседател на Соединетите држави, тогаш официјално го прогласува победникот на изборите. После тоа, изборните резултати се конечни и следува инаугурацијата на 20 јануари следната година. (Дневник.хр)