Кој го „облече“ Моден викенд-Скопје?


Од пролетниот Моден викенд, во март

Моден Викенд Скопје три дена беше горд домаќин на 28 дизајнери од цела Европа, како и на неколку млади и етаблирани имиња од земјата и регионот, обединувајќи ја заедно модата во еден шнит. Поеднакво моќен, кохерентен и поразличен од кога и да е, несомнено беше и графичкиот „крој“ на настанот.

Модната индустрија секогаш оди рака под рака со останатите визуелни уметности. Следејќи ги светските трендови, Моден Викенд Скопје оваа сезона посебно внимание привлече со графичкиот изглед и комплетниот брендинг. Впечатливата графика во црвена и сина боја го „облече“ целиот настан во висока мода, зад која се потпишува креативното студио Do:More.

„Создадов имагинативна шема на обединување во доминантна црвена боја, симболизирајќи топлина и блискост, во согласност со пораката која годинава ја пренесе Моден Викенд Скопје со проектот Обединета Мода. Предизвик беше да се направи нешто повеќе од само графика.“, вели Јана Марковска, креатор и сопственик на графичкото студио.