Кој го кочи Собранието – Талат Џафери или опозицијата

Расправата за две вообичаено протоколарни точки, испраќање на македонски војници во мировните мисии во БиХ и Либан покажа дека „активната блокада“ на Собранието, всушност е активна бесмисленост


 

Кога има активна блокада има и бизарни сцени. Синоќа и ноќеска до 3 часот по полноќ Собранието работеше заглавено во две наизглед протоколарни точки – испраќање на македонски војници во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во мисијата на ОН во Либан, УНИФИЛ. Со години ваквите точки поминуваат со едногласност во одлучувањето и речиси без расправа, со што сите пратеници го антиципираат учеството на Македонија во мировните мисии.

Но бидејќи сега ВМРО-ДПМНЕ е во проектот активна блокада со дискусиии на многу пратеници треба да се одолговлекуваат и ваквите точки за кои кои има едногласност. Па, кога се расправаше за мисијата АЛТЕА се зборуваше за едни те исти работи во Министерството за одбрана, за компромитирачките договори на дело, се искажуваа обвинувања за корупција на поранешната министерка, нашите армијци се нарекуваа „војничиња“ и што уште не.

Кога помина полноќ координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, бараше да се прекине седницата и да се донесла нова одлука затоа што денот веќе не бил 7 јуни туку 8. Се сменила датата додека Собранието заседавало и потребна била нова одлука за истата седница со нов датум. Иако вакви пополноќни седници имало стотици досега и никогаш никој не го споменувал тоа.

Бизарностите продолжија и понатаму. Дваесетина минути по полноќ, кога почна расправата за испраќање на македонски мировници во Либан, првиот говорник, Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека предлог-одлуката за оваа мисија е напишана беспрекорно, немало што да се забележи, што би се рекло „цакум-пакум“. Ама… не е важна мировната мисијата во Либан, важно е да се повторува иостото како и во расправата за претходната точка за мисијата АЛТЕА. И повторно истата приказна. Конечно, заедничкото мачење на сите го прекина претседателот на Собранието Талат Џафери во 3 часот по полноќ откако за 2,5 часа поминаа само четворца дискутанти.

Најголемото прашање е – дали оние што се мачеа во собраниската сала имаат некаква реална претстава колку луѓе ги гледале на Собранискиот канал: 100, 200, 30, 70? Илие поважно е да се блокира, а утредента со бројни прес-конференции дополнително да се труе јавноста.

И така и се случи. Координаторот Никола Мицевски денеска соопшти дека Талат Џафери бил главен виновник за непродуктивноста на Собранието. Сѐ „само за да ја задоволи сопствената суета“, вели Мицевски. Вмровскиот координатор оценува дека Џафери го приватизирал Собранието затоа што имало веќе 10 седници со отворени точки на дневен ред. И дека во кризното време тој немал слух за „барањата на опозицијата и граѓаните“ и законите предложени од ВМРО-ДПМНЕ, како оној за акцизата на горивата.

И тоа е бизарно. Ако Џафери немал слух, дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаа слух да се мачат најмногу себеси со едни те исти дискусии кои немаа никаква врска со, на пример, испраќањето на македонски војници во мисијата во Либан. Ова и не може да се нарече активна блокада, туку активна бесмисленост.

Денеска треба да се одржи 74. Седница. Она што ноќеска беше прекината е 73. Оние ретки граѓани што го следат директниот пренос од седниците ќе можат да видат кој е промотор на „ароганцијата, суетата и инаетот“, што би рекол Никола Мицевски. Вмровските пратеници ги нема во салата, нема кворум за да се отвори седницата, Џафери побара од мнозинството да обезбеди 61 пратеници за да почне седницата. (Љ.П.)