Кој ги ограбува, а кој ги помага земјоделците?


Зоран Заев и Љупчо Николовски ги ставаат криминалците кои ги ограбуваат земјоделците да управуваат со земјоделската политика во државата, обвини вчера ВМРО-ДПМНЕ.

– Кире Неделковски наместо во притвор за проневера тешка 300.000 евра, пари украдени од тутунарите, Заев и Николовски го поставија на функција. Додека земјоделците со скинати патики газат по нивите на жешкото сонце, Кире Неделковски, кој украде скоро 300.000 евра од Сојузот на тутунопроизводители, е поставен за член на УО на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Не му се доволни 300.000 евра, па сега зема уште 10.000 денари месечно од граѓаните на Македонија – обвинија од ВМРО-ДПМНЕ. Според оваа партија, тоа е причината поради која земјоделците излегуваат на протести и се повеќе ги оставаат нивите и се иселуваат од државата.

Од СДСМ одговорија дека изминатите две години посветено работеле на унапредување на земјоделството и покажале вистинска грижа за сите земјоделци.

– Првпат по 11 години имаме редовна, континуирана и неселективна исплата на субвенциите. Решени се сите проблеми на лозарите. Над еден милион евра се исплатени на 6.240 лозари, за дополнителната субвенција од еден денар за килограм предадено грозје во регистрираните винарски визби. Со оваа се заокружи целосната исплата на субвенции за лозарството за мерките од 2018 година. Без доцнење, без селекција, без тактизирање се реализираа сите обврски спрема земјоделците.

Исплатени се и заостанатите долгови кон земјоделците. Така, од 1 јуни 2017 година па до сега се исплатени долговите од 2013, 2014 и 2015 година кои минатата власт не ги сервисирала навремено и ги пренаменувала кон непродуктивни трошоци. Се исплатија 77 милиони денари на 2.048 лозари по основ на долгот што винарските визби го имаа кон лозарите во периодот од 2014 до 2016 година.

Лозарите кои имаат развоен потенцијал веќе добиваат поголеми субвенции за 20 отсто за одржување на нивните лозови насади. Ако ја вкакулираме и поевтината нафта која земјоделците ја добија со зелените картички, ги намалуваме трошоците за производството, а се зголемува профитот при продажбата на грозјето – реплицираа од СДСМ.