Кој е виетнамскиот производител на автомобили што вреди повеќе од „Фолксваген“ и од „Форд“


 

Виетнамскиот производител на електрични возила „Винфаст“ (VinFast) направи голем бум со својата котација на американската берза на Волстрит. Како компанија стана повредна од „Фолксваген“ и „Форд“.

Станува збор за еден од најголемите виетнамски производители на автомобили, чии акции се зголемија за 270 отсто на првиот ден од тргувањето на Волстрит. Почетната цена на акциите беше 10 долари, се продаваа за 22 долари, а тргувањето првиот ден на берзата беше склучено по цена од 37 долари за акција.

Така, пазарната капитализација на „Винфаст“ изнесуваше повеќе од 85 милијарди долари, додека пазарната капитализација на „Фолксваген“е 69,7 милијарди долари, а на „Форд“ е 48 милијарди долари.

„Винфаст“ сè уште е во 99 проценти во сопственост на најбогатиот Виетнамец Фам Нахат Вуонг, кој е претседател на „Винфаст“ и „Вингруп“ (Vingroup). Неговото богатство се зголеми за цели 39 милијарди долари со котирањето на „Винфаст“ на Вол Стрит.

Овој производител на автомобили е основан во 2017 година како подружница на „Вингруп“, еден од најголемите виетнамски конгломерати. Таа произведува електрични теренци, скутери и автобуси кои се продаваат во Виетнам и Северна Америка.

„Винфаст“ е особено популарен во Виетнам, каде што има добра мрежа на станици за полнење на електрични автомобили. Сепак, како што пренесува Си-Ен-Ен, почетокот на продажбата во САД на почетокот на оваа година не бил толку голем и Американците имале негативни критики за возилата на „Винфаст“ .

Но, „Винфаст“ има глобални амбиции. Минатиот месец започна изградбата на фабрика во Северна Каролина која ќе служи како база за продажба во САД. Беше најавено дека фабриката може да произведува 150.000 возила годишно. Најверојатно овие виетнамски возила ќе бидат достапни и на европскиот пазар.