Kој е Сирил Бомгартнер, новиот француски амбасадор во Македонија?


Советник за надворешни работи, Сирил Бoмгартнер е назначен за вонреден и ополномоштен амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија, на местото на Кристијан Тимоние, кој е повикан на други функции .

Назначувањето на Бомгартнер за амбасадор во Скопје беше официјализирано во службениот весник на Франција.

Тој досега извршувал повеќе функции, а една од нив е заменик генерален секретар за европски прашања во Кеј Д’Орсеј. Претходно бил и Прв советник во амбасадата на Франција во Бугарија.

Новиот француски амбасадор во земјава го увери претседателот Стево Пендаровски дека Париз ја поддржува европската перспектива на Македонија, која „стана уште појасна благодарение на донесените храбри политички одлуки“. Предавајќи му ги денес акредитивните писма на шефот на државата, Сирил Бомгартнер изјави дека пријателството меѓу двете земји е дамнешно и дека тоа е докажано со работата на неговите осум претходници на оваа функција.

„Мојата мисија почнува во нов суштински момент, тоа е патот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија. Франција ја поддржува оваа перспектива, која стана уште појасна благодарение на донесените храбри политички одлуки“, изјави денес Бомгартнер.