Кој е „Седокосиот“, кого Путин го предлага за нов шеф на платениците на „Вагнер“
Според коментарите на рускиот лидер за весникот „Комерсант“ објавени во петокот, Владимир Путин им предложил на борците на „Вагнер“, високопозициониран платеник по име Андреј Трошев сега да командува со приватната воена група.
Се чини дека Путин создаде раздор меѓу високите борци од платеничката група и нејзиниот водач Евгениј Пригожин – чие место на живеење во моментов е јавно непознато – барем во однос на наративот што произлегува од неговите коментари за „Комерсант“. Весникот извести за состанокот што го одржал рускиот претседател пет дена по пропаѓањето на краткотрајниот бунт на „Вагнер“ на крајот на јуни – состанок на кој присуствувале и Пригожин и неколку десетици високи борци на групата.
Одговарајќи на прашање на „Комерсант“, Путин рече дека Вагнер „не постои“ според руските закони, додавајќи дека руската влада треба да утврди како легално да постапува со организацијата.
Според весникот, Путин навел голем број опции за иднината на платениците на „Вагнер“, вклучително и продолжување на борбата под нивниот директен командант, човек чие кодно име се „Седокосиот“ (Седој).
Па кој е „Седокосиот“? „Седој“ е кодното име на Андреј Трошев, пензиониран руски полковник и основач и извршен директор на групата „Вагнер“, според документите за санкции објавени од Европската унија и Франција. Тој е санкциониран и од Украина.
Трошев служеше како началник на штабот на групата при нејзините претходни операции во Сирија, според санкциите на ЕУ од декември 2021 година.
„Тој беше особено вклучен во областа Деир ез-Зор“, се наведува во документите за санкции, каде борците на „Вагнер“ имале директни средби со американската војска за време на сириската граѓанска војна. „Како таков, тој дава клучен придонес во воените напори на (сирискиот претседател) Башар ал Асад и затоа го поддржува и има корист од сирискиот режим“.
Санкциите на Обединетото Кралство од јуни 2022 година, исто така, го идентификуваат Трошев како главен извршен директор на приватната воена група која „го репресираше цивилното население во Сирија“.
Трошев е поврзан со врвни водачи на групата „Вагнер“, вклучувајќи го и основачот Дмитриј Уткин, поранешен руски воен разузнавач на ГРУ, според санкциите на ЕУ.
„Седој“ е ветеран од војните во Чеченија и Авганистан, за што е награден со неколку медали, јавуваат руските медиуми.
Трошев беше меѓу поканетите на приемот во Кремљ во декември 2016 година. Фотографија, за која се верува дека е од тој прием во 2016 година, се појави во руските медиуми и го прикажува Путин заедно со Трошев и Уткин, кои обајцата носат неколку медали.
Трошев е роден во април 1953 година во Ленинград (сега Санкт Петербург) во поранешниот Советски Сојуз, според документите за санкции.