Кој е првиот македонски милијардер: објавена листа на најбогати луѓе во регионот
Споре магазинот „Недељник“ сопственикот на ИГМ „Трејд“, Илија Гечев, е на 18. место на листата на најбогатите во регионот
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2022/12/najbogati-vo-regionot-biznis-magazin-696x505-1.jpg)
Македонскиот стопанственик Илија Гечев е првиот македонски милијардер, според ранг листата на најбогати луѓе во регионот што ја објавува српски „Недељник“ во празничниот двоброј. Гечев и неговата ИГМ „Трејд“ се најдоа на 18. место со проценето богатство од 1,054 милијарди евра. Ова е прв пат некој бизнисмен од Македонија да ја надмине границата од милијарда евра.
Инаку, најбогат во земјите од поранешна Југославија е Дубравко Гргиќ од Хрватска и неговата „Аграм Група“, со проценето богатство од 2,8 милијарди евра, а потоа следат Миодраг Костиќ (МК Група) и Мирослав Мишковиќ („Делта холдинг“) од Србија со по 2,7 милијарди евра.
„Недељник“ објаснува дека листата ја составиле експерти од две консултантски фирми кои работат на Њујоршката берза и дека користеле мултипликатори од школата за бизнис „Стерн“ на Универзитетот во Њујорк и дека во анализата ги вклучиле резултатите од пазарните трансакции во регионот и светот. Списокот не покажува колку пари имаат бизнисмените на сметките, туку колку вредат нивните компании и колку пари потенцијално би можеле да добијат доколку ги продадат денеска, објаснува бизнис неделникот.
Според ранг-листата, се проценува дека 18 компании вредат повеќе од една милијарда евра, а меѓу нив најсвежо лице е Мате Римац од познатата автомобилска „Римац груп“, кој е на 5-то место со 2,2 милијарди.
Драган Шолак (9 место – 1,3 милијарди), Богољуб Кариќ (21 место – 940 милиони), Вук Хамовиќ (26 место – 800 милиони), Жељко Митровиќ (32 место – 732 милиони) се меѓу попознатите имиња на листата. Новак Ѓоковиќ е на 61 место со 430 милиони евра.
Имотот на петте најбогати луѓе во Македонија изнесува 23,9 отсто од БДП, што ја прави втора земја во регионот според нееднаквоста, зад Црна Гора каде што имотот на петте најбогати е дури 35,4 отсто од тамошниот БДП
Според „Недељник“ списокот покажува и дека старата југословенска поделба на развиени и неразвиени е валидна бидејќи економиите на Црна Гора, БиХ и Северна Македонија се далеку од оние на Хрватска, Словенија и Србија.
Дополнително, нееднаквоста е најголема во Црна Гора бидејќи имотот на петте најголеми во Црна Гора изнесува 1,7 милијарди, што е дури 35,4 отсто од бруто националниот производ. Следната најголема нееднаквост е во Северна Македонија, каде што имотот на петте најбогати луѓе изнесува 23,9 отсто од БДП.
„Недељник“ минатата година ја објави листата на најбогатите луѓе во Србија, а годинава за прв пат ексклузивно ја објавува листата на најбогатите луѓе во регионот во соработка со водечките медиуми од регионот.
ПРВИТЕ 20 НАЈБОГАТИ ВО РЕГИОНОТ
(во евра)
- Дубравко Гргиќ
„Аграм група“ – 2.840.000.000 Хрватска
- Миодраг Костиќ
МК Група – 2.779.323.438 Србија
- Мирослав Мишковиќ
„Делта холдинг“ – 2.779.127.103 Србија
- Силвио и Роберт Кутиќ и Изабел Јелениќ
„Инфобип“ – 2.500.000.000 Хрватска
- Мате Римац
„Римац Група“- 2.270.000.000 Хрватска
- Емил Тедески
„Атлантик група“ – 1.600.000.000 Хрватска
- Петар Матиевиќ
МИ „Матиевиќ“ – 1.597.272.145 Србија
- Дејан Чакајац и Јадранка Степановиќ
„Моцарт“ – 1.353.004.180 Србија
- Драган Шолак
„Јунајтед група“ – 1.335.800.000 Србија
- Миле Ќурковиќ
„Плодине“ – 1.313.750.000 Хрватска
- Филип Цептер
„Цептер интернешенел“ – 1.300.000.000 Србија
- Иван Жабчиќ и Марко Вуковиќ
„ХС продукт“ – 1.286.319.990 Хрватска
- Љубиша Крстаиќ
„Каризма хотели и ресорти“ – 1.208.000.000 Србија
- Станко Поповиќ
„Еликсир група“ – 1.166.336.358 Србија
- Павао Вујновац
„Енергија натуралис“ – 1.150.000.000 Хрватска
- Борислав и Драган Станојловиќ
„Спорт вижн“ – 1.108.801.535 Србија
- Петар Матиќ
МПЦ Холдинг – 1.096.550.926 Србија
- Илија Гечев
ИГМ „Трејд“ – 1.054.946.440 Македонија
- Томислав Мамиќ
„Томи“ – 980.000.000 Хрватска
- Небојша Шапоњиќ и Ранко Сочанац
НЕЛТ – 950.000.000 Србија
Инаку, како што наведуваат од неделникот, врз богатството на бизнисмените и вредноста на компаниите годинава негативно влијаеа повеќе фактори, како во светот, така и во регионот. Пандемијата, прекинати синџири на производство и снабдување, потклекнување на глобализацијата, рецесија, инфлација, раст на цените на суровините, геополитички потреси… сето ова имаше значително влијание во 2022 година врз намалувањето на вредноста на компаниите и богатството на бизнисмените. „Форбс“ пресмета дека за една година се „стопиле“ 400 милијарди долари и дека бројот на милијардери во светот се намалил за 87.
На глобално ниво со внимание се следи трката на милијардери за светскиот трон на најбогат човек на планетата. Илон Маск и Џеф Безос „се борат до последен цент“ (од време на време влегува некој како Бил Гејтс или Бернард Арно, што ја прави трката интересна и неизвесна.
Иако по вредност е далеку пониска, не е неинтересна ниту трката на „домашен терен“. Така, во Србија за бизнис врвот со децении се натпреваруваат Мирослав Мишковиќ и Миодраг Костиќ, а разликата годинава е колку цената на гарсониера во Белград, односно само 196.000 евра.
(Извор: „Недељник“)