Кој е новиот амбасадор на Македонија во Брисел?

Зулфи Исмаили е малку познато име во дипломатијата, иако тој е во МНР уште од 2006 година. Досега бил во амбасади на пониски скалила


 

Од прв секретар стана амбасадор на најважната амбасадорска позиција на Македонија во моментов во светот. Кој е Зулфи Исмаили и со што ја доби довербата на шефот на дипломатијата, а по сѐ изгледа и на ДУИ, да биде во Брисел кога почнуваат најважните преговори на Македонија – за влез во ЕУ. Има ли капацитет и доволно дипломатско искуство да одговори на оваа задача и немаше ли некој друг со амбасадорско искуство претходно што можеше да биде упатен на оваа функција? 

Дури и за оние што го следат со години МНР, Исмаили е тотална непознатица, а за јавноста и повеќе од тоа – е дипломат анонимус. Без намера да се потценува, сепак, во ваков важен центар за државата МНР требаше да прати поискусен дипломат од повисоките скалила бидејќи утре ќе треба да седне на маса со Урсула Фон дер Лајен или со Емануел Макрон и да делува достојно за таа прилика. Откако ДУИ не успеја да ја протне Теута Арифи на оваа амбасадорска функција, како и на таа во Вашингтон претходно, бидејќи имаше молк на барањата за агремани од САД и од ЕУ, Исмаили е избран како доверлив кадар на Османи преку кој може да го контролира процесот на преговори во Брисел каде што тој исто така има улога.   

Според она што може да се види од неговата професионална биографија, Исмаили на оваа функција доаѓа од позицијата советник за мултилатерала во кабинетот на шефот на дипломатијата. Највисока позиција што ја достигнал претходно му е прв секретар во амбасадата во Брисел и во Рим претходно. Исмаили е сепак дипломат од кариера, а не партиски кадар, бидејќи во МНР е од 2006 година така што зад себе има кариера на пониските скалила, но главно во ОН и во Њујорк. Денес тој пред пратениците ги претстави приоритетите на своето амбасадорување во Брисел, што личеше повеќе на анализа на нашата надворешна политика во однос на ЕУ и преговорите.

Според Исмаили, по 19 јули и по одлуката за почнување на преговорите се менува нашето делување во ЕУ и новиот наратив треба да биде насочен  кон исполнување на реформските процеси, за кои рече дека е подобро да ги забрзаме самите, пред да дојдат како агенда од Брисел. Според негова оценка, начинот на кој се водат преговори со ЕУ за членство е најтежок досега и за многу прашања ќе биде потребен општествен и политички консензус.

Тој најави доекипирање на мисијата на Македонија во Брисел со преставници од девет други министерства, посочувајќи ги трите приоритета додека амбасадорува: Успешно завршување на скринингот и отворање на првиот кластер, идентификување на нови „авении“ за соработка  со ЕУ со подготвени јасни проекти и барања и воспоставување на систем за рано предупредување  кој ќе ги открива ризиците од промените во земјите членки.

„Се враќа моментумот во пристапниот процес за ЕУ по една деценија застој. Да го искористиме и да напредуваме со забрзано темпо“, порача Исмаили на пратениците во Комисијата за надворешна политика, додавајќи дека подобар процес од целосна трансформација на земјата нема. 

Претставувањето на приоритетите на амбасадорите се случи откако министерот Османи се закани дека , ако не се свика седница за тоа, тие ќе заминат само со потпис на шефот на државата. Досега ваквите презентирања беа опструирани од ВМРО-ДПМНЕ. (Н.В.)