Кој е Илир Хасани, заменикот на Филипче?


Новиот заменик-министер за здравство Илир Хасани кој на Фејсбук се пофали дека наскоро ќе може да се оди на кафе во Приштина без ПЦР тест за коронавирус, има импресивна биографија зад себе. Тој досега беше директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Омилен меѓу пациентите од Македонија и од регионот, оженет е со докторка-педијатар и има три деца. Вози БМВ.

Дипломирал на Медицинскиот факултет при УКИМ во 2001 година. Од 2004 година е вработен на Клиниката за трауматологија. Од 2008 година е специјалист по општа хирургија. Од 2006 година бил избран за помлад асистент, во 2011 за асистент, а во 2015 година бил избран за асистент докторанд на Медицинскиот факултет по предметот хирургија. Од 2009 до 2010 година ја вршел функцијата в.д директор на Клиника за ортопедски болести. Во 2009 година бил избран за национален претставник на Здружението на медицински комитет при НАТО силите. Во јуни 2010 година бил именуван за заменик координатор на хируршки клиники со Ургентен центар КАРИЛ и Клиника за ортопедски болести. Од 2011 до 2017 година бил раководител на Ургентниот хируршки центар каде што максимално придонесува кон организирање на ургентната служба, ургентното дијагностицирање и ургентното згрижување на акутно хируршки болни во нотмални и услови на масовни случувања. Од 2017 година е именуван за директор на ЈЗУ УК за трауматологија, ортопедски болести, анестезија реанимација и интензивно лекување и ургентен центар.

Во 2017 година бил именуван за Национален советник на министерот за здравство. Во 2018 година завршил субспецијализација по трауматологија со што стана субспецијалист трауматолог. Во март 2018 година ги завршил докторските студии по областа Трауматологија на Коскено-зглобен систем на Медицински факултет во Скопје, додека научен соработник е избран во јуни 2019 година при истиот факултет. Учествувал на повеќе конгреси, симпозиуми, и други стручно-научни собири од меѓународен и национален карактер како поканет предавач, автор и коавтор на повеќе трудови кои се рецензирани во списанија и билтени на конгреси и симпозиуми. За првпат во Македонија вовел неколку нови методи во современата трауматологија во потесно подрачје во третманот на патологиите на ацетабулум, карлица и рбетен столб кои што нови методи се веќе апсолвирани во Клиниката за трауматологија и се користат рутински.

Во мај 2020 година е избран како национален делегат од Македонија во најголемата светска организација на трауматологија и ортопеди SICOT.

Одлично го познава англискиот јазик, со меѓународно признат сертификат од универзитетот Кембриџ. Член е на Македонското лекарско друштво, Македонското друштво на ортопеди и трауматолози.