Кој е Гевин Бредли, добитник на „Мостови на Струга“ за најдобра збирка од поет-дебитант од светот? 


Ирскиот поет Гевин Бредли со неговата стихозбирка „Страв од разделба“, е добитник на „Мостови на Струга“ – меѓународна награда што ја доделува Фестивалот, заедно со УНЕСКО, за најдобра дебитанска поетска книга во светот. 

Добитниците на наградите беа прогласени вчера, на настан, организиран од НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Македонскиот ПЕН Центар, Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ што се одржа во просториите на библиотеката, по повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата и јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, и тоа во истиот период со свеченото прогласување на лауреатите на СВП во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамки на програмата на меѓународниот симпозиум во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Фото: Б. Грданоски

Членот во Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Владимир Мартиновски информираше дека наградената поетска книга „Страв од разделба“ е трогателно деби на Гевин Бредли во која поетот го истражува емоционалниот данок кој произлегува од различните видови разделби. Разделба со партнерот, разделба со пријателите, разделба со претходното чувство за себе си или разделба со домот и луѓето кои сме ги оставиле зад нас.

Особено, како што рече, впечатливи се песните кои ја тематизираат самотијата на емиграцијата и немирот на разделбата од Северна Ирска, татковината на поетот.

Гевин Бредли е ирски поет, кој од 2012 година се сели и живее и пишува во Канада, каде што работи како помлад предавач по палеонтологија на Универзитетот на Алберта. Бил објавуван на двете страни на Атлантикот, а неговата поезија била вклучена и во Антеологијата на најдобри британски и ирски поети во интервалот меѓу 2019 и 2021 година.

Многубројна публика од културната фела дојдоа во НУБ „Св. Климет Охридски“/ Фото: Б. Грданоски

– Станува збор за една исклучително кохерентна книга, но исклучително богата и слоевита. Овие интимни песни навлегуваат во личните приказни преку плеада личности и места од пристанишни градежници до кучиња, од морски брегови до вулкани и „нежни усни кои брмчат како кошници“. Песните на Гевин Бредли ја прикажуваат трајната љубов на луѓето, трајната љубов за луѓето или јазикот и земјата. Поетската книга „Страв од разделба“ во таа смисла во себе носи една силна порака за надеж, рече Мартиновски.