Кој е Георг Георгиев: Брутален кариерист „на баци рака со Борисов“ ќе го решава спорот со Македонија

Гоце Делчев е колективна слика на бугарското херојство. Македонија мора да ги исполни условите, се само некои од пораките на новиот шеф на бугарската дипломатија


 

Брутален кариерист, политичар со тврд и остар јазик, нарцис со патолошка потреба за медиумско промовирање – се некои од медиумските описи во Бугарија за новопредложениот министер за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев.

Иако е многу млад (има само 33 години) и кај нас е познат само како поранешен заменик министер на Екатерина Захариева (најнеомилениот шеф на дипломатија на Бугарија во нашата држава), тој зад себе сепак има бурна политичка биографија. За три години бил дури шестпати пратеник во различни парламентарни состави, на оваа функција доаѓа како  потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, во политичкиот врв на Бугарија се вивнал како лидер на младинската организација на ГЕРБ, но се прославил во јавноста во Бугарија како политичарот кој му бацуваше рака на Бојко Борисов пред камера.

Таа епизода сепак Георгиев добро ја прокнижи и стана еден од најблиските луѓе на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, дотаму што тој му бил и кум на свадбата со позната телевизиска новинарка во Бугарија.

Она што е битно за нас е дека тој важи за тврд преговарач кој не се воздржува од вербални напади и навреди, иако тој стил главно го негува во внатрешната политика и во меѓупартиските пресметки, како преставник на ГЕРБ или како поранешен пратеник.

Во нашата јавност како заменик-министер на Захариева неговото име се појави само еднаш во медиумите, кога изјави во интервју дека нарекувањето на екс-претседателот Стево Пендаровски од страна на Борисов како „северномакедонски претседател“ било „ситница“ што не треба да се нагласува, ако се земе предвид колку многу и што направила Бугарија за евроинтеграцијата на нашата држава.

Ако ставовите со кои настапуваше тогаш се дел и од неговиот политички профил сега, нашата влада, која толку чекаше создавање политичка влада во Софија, ќе треба да се „вооружи“ со железни гаќи за да ги натера новите функционери во Софија одново да преговараат за условите за ЕУ, да прифатат одложена примена на уставните измени и да дадат гаранции дека нема да нѐ блокираат поради историски и други прашања.

Уште повеќе, ако утре се изгласа оваа влада во Софија, нејзиниот состав е полош од сите очекувања во Македонија, бидејќи во неа влезе и најтврдокорната партија зад која стои Румен Радев – БСП, покрај Има таков народ, која во однос на Македонија има речиси иста политика како и националистичката Преродба на Костадин Костадинов.

Георг Георгиев со сопругата и кумот Бојко Борисов

Кој е, сепак, Георг Георгиев од Перник и какви беа неговите јавни ставови за нашата држава? Освен што шестпати бил пратеник (од 23 години), освен што бил заменик-министер за надворешни работи од 2017 до 2021 година, освен што завршил политикологија и политички консалтинг, многу зборува и фактот дека завршил и курс за политички лидери на Стејт департментот, но и курс за дипломатија на Кинеската дипломатска академија!

Во 2019 година бил награден од бугарската еврејска заедница за придонес во борбата против антисемитизмот и е актуелен потпретседател на групата на ЕПП партии во Парламентарното собрание во Стразбур, што значи дека му се добро познати случаите околу македонското малцинство во Бугарија и барањата на ВМРО-ДПМНЕ за реципроцитет околу овие прашања. А, еве и некои од реакциите на Георгиев кои зборуваат многу за неговите политички ставови кон Македонија.

„Македонскиот премиер си дозволи крајно предавнички да ја споредува Бугарија со агресорот Русија“, изјави тој како пратеник на ГЕРБ од собраниската говорница. „Ова не е само циничен, туку и дрзок однос кон земјата која во изминатите 30 години направи сѐ за да изгради не само сопствен авторитет, туку и авторитет на своите соседи. Во 1992 година, Бугарија беше првата земја што ја призна Северна Македонија со нејзиното официјално име. Никогаш не сме покажале претензии за тоа како ќе се вика оваа држава“, потенцираше Георгиев.

Во друга прилика тој оцени дека дека внатрешната нестабилност во Бугарија и немањето редовна влада го продлабочиле јазот со Скопје.

„Членството во ЕУ е прашање на вредности, на идеали, на самосвест. Европската интеграција на Северна Македонија не е цел сама по себе, туку припадноста кон ЕУ е единствениот начин да покажеме дека сме цивилизирани земји кои можат да се еманципираат од негативна реторика. Соседната земја треба да го покаже ова“, повика Георгиев.

Георг Георгиев е шестпати избиран за пратеник за три години

Во времето на Захариева тој порачуваше дека Бугарија не сака компромиси, туку исполнување на услови и дека никогаш нема да отстапи пред Македонија во спорот за историската вистина за Гоце Делчев. Во 2020 година, далеку пред усвојување на Преговарачката рамка, тој изјави дека „напредок за Македонија ќе има тогаш кога бугарските барања ќе станат составен дел од законски обврзувачки документи“, кои ќе вклучуваат патоказ за спроведување на Договорот за пријатество, јазична клаузула и отфлање на националното малцинство на територијата на Бугарија“. Уште тогаш тој бараше тие документи да бидат прифатени и од ЕУ со оценка дека  рамката за преговори е важен обврзувачки документ, а не декларација без правна вредност, што покажува во колкав временски континуитет Бугарија знаела што бара и што прави. 

Околу личноста на Гоце Делчев, Георгиев изјави дека Бугарија нема да отстапи во спорот за историската вистина за Гоце Делчев.

„Зборуваме за историска личност која е со неспорно потекло и, како што Бугарија постојано подвлекува, со потполно неспорна припадност кон бугарскиот народ. Тоа што во одредено време се правеа некои интерпретации не значи дека ние ќе отстапиме од своите интереси и своите позиции, за кои многу пати зборуваа министерката за надворешни работи Захариева и премиерот Борисов. Тоа истото ќе го каже секој Бугарин“, изјави тој во интервју за бугарската телевизија Канал 3.

Според неговите зборови, Гоце Делчев не е само колективна слика на бугарското херојство, „не е само Бугарин кој падна за слободата и независноста на Македонија, туку и за нејзиното обединување со Бугарија“.

„Денеска имаме единствена можност да покажеме дека Гоце Делчев, Ботев, Левски, Каравелов или целиот наш пантеон херои не отидоа залудно, не отидоа за доброто на Бугарија, која ќе се изеде себеси“, нагласи во друга прилика Георгиев.

Во 2023 година тој изјави дека омразата во Македонија кон Бугарите достигнала врв.

„Највисоката точка на омраза во Северна Македонија кон Бугарите е достигната“, рече  Георгиев, во врска со инцидентот на  фудбалските навивачи на Левски во Скопје. Според него, Македонците „не се подготвени да влезат во Европската унија со ваквото однесување“.

Тој исто така негираше дека Бугарија е единствената земја која е пречка за евроинтеграцијата на Македонија и дека вета ставиле и Франција и Холандија.

„Се сугерира дека Бугарија е речиси единствената земја на ниво на ЕУ што ја запира Македонија. Да се потсетиме дека само пред неколку месеци беа и Холандија, Франција… Ние не сме единствениот стопер што ја попречува Македонија. Ова е најблискиот народ до нас, кој ние сме навикнати да го нарекуваме брaтски. Многу се надеваме дека овој спор ќе биде решен и дека ќе продолжиме како партнери и пријатели на европската сцена и во иднина“, заклучи Георгиев.

Сега на потег е премиерот Христијан Мицкоски да покаже што умее и што знае, односно да издејствува што побрз и што подобар договор со Софија.