Кој е францускиот поет Жан Пјер Симеон, годинешен лауреат на СВП ? 


Добитник на „Златен венец“ за 2024 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е истакнатиот француски поет,  Жан Пјер Симеон.

Тој денеска треба да допатува од Франција во Скопје, и веднаш продолжува за Струга за да присуствува на церемонијата на свеченото отворање на годинешното 63. издание на Фестивалот, кое традиционално започнува со поетското читање „Меридијани“, во Домот на поезијата. 

Симеон, не е непознат за СВП и пошироката читателска јавност. Бил гостин на престижниот поетски фестивал во 2010 година, а поезијата на Жан Пјер Симеон  е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поетскиот избор „Човекот во срцето на светот“, објавен во едицијата „Плејади“ на СВП, во 2010 година, во препев на Јордан Плевнеш.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Жан Пјер Симеон истакна:

„Се осмелив пред неколку години да напишам есеј под наслов „Поезијата ќе го спаси светот“. Таа безусловна афирмација од насловот им се чинеше дека е смешна на многумина на земјината топка кои веруваат дека Поезијата е само еден шармантен орнамент, една јазична игра која може да ги интересира само неколкумина остроумни лингвисти. Меѓутоа, јас сум цврсто определен да мислам дека највозвишената Поезија, од видот на она пеење што е отелотворено во поетските опуси на венценосците од Струга, во оваа земја Македонија, што ги овенча бесмртните поети од многу меридијани- е израз на една меморијална и универзална визија, која единствено може да и даде смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет.

Која е таа желба, таа надеж, тој толку силен елан што е обликуван низ вековите да им се спротивставува и да ги демантира најголемите насилија на Историјата. Токмy поезијата е вистинска одбрана на Човекот и неговата вознемирена и безгранично отворена совест, која сака да го пронајде своето соодветно место, исполнето со неговата простосмртна желба по Срцето на Непознатото,за да го направи свет животот во сите негови безгранични пространства.“

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, потенцира:

„Жан Пјер Симеон е ценет поет, со широко докажан распон на својот творечки
немир, подеднакво реализиран во неколку жанровски и дисциплинарни сфери. Тој e
сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец,
ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист.

Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на Љубовта и Убавината. Во песните на Симеон од почетниот период одѕвонува една самосвојна дидактика на Љубовта – а која стреми и досега отаде (похотливата и голосетилна) еротика “на прва рака.“

 

Поетите денес се натпреваруваат кој од нив ќе биде пожесток, пошокантен, кој ќе каже нешто
поскандалозно, по секоја цена ќе се соголи, радикално ќе се „приземји“, себеси, јазикот и
песната. Тоа е оној суров и сиров, безмалу натуралистички опис и глас, што го знаеме
уште од времето на Ш. Бодлер. За разлика од тоа, Симеон и неговите песни ја отфрлаат
се’присутната (и општа) приземност, која владее и со медиумите и со културата и
уметноста. Симеон напротив тежнее и се залага за тоа – да се сочува од (фатално)
сквернавење – скапоценото достоинство на зборот и на песната.
Отаде, зборот и песната, за Симеон не се нешто што е блазирано, истрошено,
депласирано. Неговиот естетизам моќно одекнува наспроти хорската врева на околниот
токсичен нихилизам – кој се препознава денес – во потребата да се обезвредни, да се
иссмее, да се понижи, да се деградира сѐ она, што вреди. Песните на Симеон се воедно и
гласен отпор кон извесен ‘профетизам’, кој цело време заговара божемен крај на
уметноста, крај на историјата, крај на поезијата, некоја резигнација дека нема веќе чуму
да се пишуваат песни. Наместо таквото нихилистичко, или, “есхатолошко” побивање на
книжевноста, Симеон, на програмски начин, ја брани надежта како наше право, а не само
уточиште во кое веруваме.
Своевремено, Милан Ѓурчинов порача – дека, книжевноста, поезијата, мора да ја
прегрне својата епоха, за да биде модерна (што според самата етимологија на зборот
„модерен“, значи) – поезијата да биде на достојно рамниште, кое им парира на
горечките дилеми на актуелната епоха во која настанува!
Токму поезијата на Симеон е вистинска потврда и речит пример за модерноста во
најубавата и благородна смисла на тој збор.“

Поетот,  драматург и есеист, Жан-Пјер Симеон е роден 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил  повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на Пролетта на поетите. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во Галимар.

Предавал на Институтот за универзитетско образование на учители во Оверњ, на Високата национална школа за уметности и техники на театарот, како и на Париската школа за политички науки.

Неговите збирки поезија се објавени во издавачките куќи Шејн (Cheyne éditeur) и Галимар (Gallimard), а неговите театарски пиеси  се во издание на Солитер ентампестиф (Solitaires Intempestifs).

За свето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон е добитник на многу награди меѓу кои: наградата Морис Сев во 1981 година, наградата Антонен Арто во 1984 година, наградата Аполинер во 1994 година, наградата Макс Жакоб во 2006 година, меѓународната награда Лучијан Блага во Романија, Големата награда на Мон Сен Мишел за целокупното свое творештво, Меѓународната награда за современа поезија ( International Contemporary poetry award) во Кина во 2021 година, Големата награда за поезија на Француската академија во 2022 година.

Жан-Пјер Симеон е одликуван со орденот Командант од редот на уметности и литература. (Л.С.)

 

 

СВП со поинаков концепт

Оваа година, церемонијата на свеченото отворање ќе се случува во големата сала на Центарот за култура, со специјално подготвена сценографија од ОТП студио, на начин што ги истакнува потенцијалите на сценскиот простор преку поврзување на главната со летната сцена, најави директорот на СВП, Тодорче Тасевски. Со ваквото поврзување се добива импресивен волумен, кој нуди безброј можности за мултимедијални настани од различен вид. Последен пат, ова е направено пред повеќе од 30 години.

Во рамки на церемонијата на отворање е предвиден настап на нашиот познат пијанист Дино Имери, читање на поетската порака од страна на истакнатиот поет Веле Смилевски, а Фестивалот за отворен ќе го прогласи Министерот за култура, Зоран Љутков кој ќе има свое обраќање.

Во рамки на поетското читање „Меридијани“ свои стихови ќе прочитаат: добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, добитничката на „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, добитничката на „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, истакнатиот шведски поет Бенгт Берг, кој годинава ќе биде претставен и во рамки на едицијата „Плејади“, германската поетеса Ана Хофман, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа како и многу други странски и домашни поети.

Мотото на годинешниот фестивал е ДОПИР НА УБАВИНАТА.

Во рамки на програмата предвидени се меѓународни поетски читања, како и поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024. Неизоставен дел се и портретите на добитниците на „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“, како и традиционално портрет на лауреатот во црквата „Света Софија“ во Охрид.

На програмата се и чествување на годишнините на петмина македонски поети и одбележување 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, 95 години од раѓањата на Гане Тодоровски и Матеја Матевски, како и традиционалното поетско кафе со поети од платформата Версополис. 

Фестивалот завршува в недела на манифестацијата „Мостови“ на Мостот на поезијата, со поетски читања и врачување на највисоките признанија – наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ и „Млада Струга“ на годинашните лауреати Жан Пјер Симеон, Катрин Пиц, Катица Ќулафкова и Филипа Сара Попова. 

Поради активностите за поставување на сценографија денес во 15 часот ќе биде затворена за сообраќај улицата „Кеј „Борис Кидриќ“ пред платото на Центарот за култура, а в недела за свеченото затворање на манифестациата „Мостови“ во 12 часот ќе биде затворена улицата „Партизанска“.