Кој е Дерек Шоле, кого сите го чекаат во Македонија

Шоле работеше со дипломатски легенди како Џејмс Бејкер, Строуб Талбот и Ричард Холбрук и служеше во високите ешалони на Белата куќа, Пентагон и Стејт департментот


Дерек Шоле е човек од највисока доверба на Ентони Блинкен

 

Неговото доаѓање во Македонија  доби речиси митски статус, откако мораше да ја одложи посетата на Скопје, Белград и Приштина во декември поради тоа што беше заболен од ковид. Дерек Шоле има има функција во американскиот Стејт департмент едноставно наречена – советник. Но нејзината моќ е многу поголема од она што можеби изгледа однадвор. Американски „Политико“ го нарече Шоле – „Човек во увото на Блинкен“, за со неколку збора да нагласи колку е тој важен за државниот секретар при конципирањето на американската политика, особено додека тече војната во Украина.

Како што напиша „Политико“ во март годинава: „Кога ќе ги погледнете главните дипломатски настани во последните триесет години, Дерек Шоле ги доживеа сите. Работеше со американски дипломатски легенди како Џејмс Бејкер, Строуб Талбот и Ричард Холбрук и служеше во некои од највисоките ешалони на Белата куќа, Пентагон и Стејт департментот. Од Босна до Сирија – а сега и Русија – Шоле помогна да се обликуваат американските пристапи кон нејзината политика во странство“.

Во Скопје, како што соопшти Стејт департментот, тој ќе се сретне со владини преставници и ќе разговара за низа прашања, вклучително енергетиката, економијата и борбата против корупцијата. Во Белград и Приштина ќе се обиде да помогне за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Дерек Шоле ја почна својата кариера во Вашингтон во 1993 година како асистент за истражување на поранешниот државен секретар Џемс Бејкер за неговата книга „Политиката на дипломатијата“. Бејкер на овие простори е познат од времето кога доаѓаше во Југославија да се обиде ја спречи дисолуцијата на поранешната федерација. Таа работа со Бејкер му помогна да ја добие нарачката од Стејт департментот да напише сеопфатна историја на Дејтонскиот мировен процес. Шоле потоа му асистираше и на наследникот на Бејкер на местотот државен секретар, Ворен Кристофер, во пишувањето на неговите книги „Во потокот на историјата“ и „Животни шанси“. Беше помошник на Ричард Холбрук во пишувањето на неговата славна книга „Да се заврши војната“.

Во 1999 година ѝ се приклучи на администрицијата на Бил Клинтон како главен пишувач на говори на Холбрук кога беше амбасадор на САД во ОН. Од него тој научи уште повеќе за овој регион, за тоа како течеа југословенските војни, како дојде до Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција, затоа што Холбрук беше најважниот американски актер во овие процеси. Потоа му беше специјален советник на уште една легенда на американската дипломатија, тогашниот заменик државен секретар Строуб Талбот.

Кога стапи на должност администрацијата на Барак Обама, од 2009 до 2011 година, беше главен заменик-директор на персоналот за планирање политика на државниот секретар Хилари Клинтон. Од 2011 до 2012 година, Шоле служеше во Белата куќа како специјален асистент на претседателот и виш директор за стратешко планирање во Советот за национална безбедност на Соединетите Држави. Од 2012 до 2015 година беше помошник на секретарот за одбрана за меѓународни безбедносни работи, каде ја менаџираше американската одбранбена политика спрема Европа, Блискиот Исток, Африка и западната хемисфера.

Служеше и како член на транзицискиот тим во Стејт департментот во периодот кога администрацијата на Џо Бајден се подготвуваше за преземање на власта. Слична улога имаше и во транзицискиот тим на Обама во 2008.

Во времето на претседателствувањето на Доналд Трамп тој се повлече од администрацијата. Од 2016-2020 служеше како извршен потпретседател и виш советник за безбедносна и одбранбена политика во Германскиот Маршалов фонд на Соединетите Американски Држави, и како визитинг соработник во повеќе други институции, како Брукингс институтот, Центарот за глобални прашања Кисинџер при Џонс Хопкинс универзитетот и Американската академија во Берлин. Напиша повеќе книги и има добиени медали и од Стејт департментот и од Пентагон.

Кога Ентони Блинкен стана државен секретар Дерек Шоле ја доби функцијата советник во Стејт департментот. Неговата функција има ранг на потсекретар како висок советник за политика на Блинкен за широк спектар на прашања и врши специјални дипломатски задачи по задача на државниот секретар. Како што напиша американски „Политико“ – „Човек во увото на Блинкен“.

Затоа, неговите пораки во Скопје треба внимателно да ги слушнат сите поради повеќе работи: САД се најпостојаниот и најпосветениот сојузник на Македонија не само во нејзините години на независност; потоа, соработката меѓу двете земји е на нов колосек со потпишувањето на Стратешкиот дијалог; а двете земји како членки на НАТО ги координираат своите политики особено околу војната во Украина. (Љ.П.)