Кој е Андреј Ал-Асади, лауреат на наградата „Григор Прличев“?


На свеченост што денес се одржа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше врачена наградата за најдобра поема на лауреатот Андреј Ал-Асади за поемата “Никогаш пред ил’ потем” под шифра “Хидаспес”, а во рамки на чествувањето на ликот и делото на Прличев.

„Темата на поемата е една интраперсонална борба на една од најинтересните личности во нашата историја, Александар Македонски“, вели лауреатот Ал-Асади.

-За мене оваа награда значи афирмација на моето сопствено творештво, по долгогодишно поетско творештво кое кулминираше во поемата “Никогаш пред ил’ потем”. Но, исто така, за мене значи афирмација на младата македонска поезија и младото македонско творештво и можност да стигне до пошироката публика. Пишувањето на поема има свои финеси и поразлично е од пишувањето на песна и од прозно дело и е некаде помеѓу. Имаме повеќе простор и можност да маневрираме со тематиката и наративот од една страна, а од друга страна треба да ги запазиме сите карактеристики на поетскиот израз. Тешко  е и интересно е, посочува авторот на наградената поема.

Претседателот на Комисијата за избор на најдобра поема „Григор Прличев“ за 2024 година, Славе Ѓорѓо Димоски, истакна дека од пристигнатите 13 поеми се издвоиле неколку кои со нијанса се разликувале една од друга.

 

„Предност на крајот и се даде на наградената поема бидејќи се виде една посебна вредност која се однесува на начинот на интерпретација на темата. Темата е од подалечното историско минато, се работи за Александар Македонски и неговата последна битка во Индија и наеднаш поетот бега од историските факти и поставува едно големо филозофско прашање: Која е најголемата победа, дали физичката или духовната? Тука има дијалог меѓу Александар и еден индиски врач каде Александар на крајот чувствува дека е духовно поразен. Поентата на поемата е дека духовната победа, духовниот мир е вечното нешто што го краси човекот, потенцира Ѓорѓо Димоски.

Андреј Ал-Асади е роден 1996 година во Лондон. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките “Midnight Blues” (2013), „Под дервишовото сиќе“ (2018), „Небесна геометрија“ (2019) и „Секој секому огледало“ (2021) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ и „Утрото на бессоните“ (2021). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово, Струшките вечери на поезијата и Светскиот поетски фестивал во Патрас, Грција. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски, на грчки и на италијански јазик.

 Асади  годинава е член на жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.