Кој чита – почитува


Фото: Б. Грданоски

Деновиве, кога сите продавници организираа попусти, поттикнати од таканаречениот „Црн петок“, од акцијата не изостанаа и книжарниците. 

Речиси сите издавачки куќи ги понудија своите изданија на половина цена, а некои дадоа дури и поголеми попусти.

Тоа беше прилика за вљубениците во пишаниот збор да ги надополнат своите библиотеки со нови изданија. 

Затоа, мирно застанаа во ред пред книжарниците, со почитување на растојание од 1.5 до два метри, според пропишаните протоколи во услови на пандемија од корона вирус. Маска на секое лице и трпеливо чекаа во долгите редови да одберат нешто од тоа што останало на полиците. 

Корпите се полнеа како во маркет, но овојпат со книги. 

Се чека за книга, не за леб – Фото: Б. Грданоски

Забележливо беше, пред секоја книжарница, дека во редовите културно се чекаше, не се подигнуваше тонот на гласот кон никого, никој не беше прекорен оти не носи маска, на пример, слика што редовно се затекнува пред банките, маркетите и другите продавници и институции. 

Можеви овие луѓе научиле нешто од книгите?! Ама, еве ги, трпеливи и насмевнати под маските, додоа да купат уште знаење.

Книжарниците нудеа и купување онлајн, а многумина ја искористија и таа можност, па денеска се симнаа пред влезовите да го дочекаат курирот кој им ги донесе одбраните дела. 

Секако и на ова имаше забелешки по социјалните мрежи, односно по групите на љубителите на книги, дека некои нарачки не им стигнале по десетина дена, дека им стигнале оштетени, но другите членови им објаснија дека за тоа не е виновна издавачката куќа од каде што нарачале, туку доставувачот. 

Дополнително, поради напливот нарачки, дел од тиражот се потроши, па немаше за оние кои нарачуваа онлајн, но книжарите се досетија да ги успокојат своите клиенти, дека нарачката ќе им стигне, со неколку дена задоцнување, а за тоа ќе бидат наградени со дополнителна книга. 

Па, во очекување на долгите зимски денови, со или без карантини, ќе има што да се чита.