Кој беше папата Франциско и што остави зад себе?


Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, почина денес, 21 април, на 88-годишна возраст, соопшти Ватикан. Тој вчера имаше средба со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс и му изрази незадоволство од ситуацијата со Палестинците во Газа и со политиката на новата администрација на САД околу имигрантите, која неодамна ја нарече срамна. Тоа практично беше неговата последна средба а пораката негов последен завет, откако успеја да се појави за кратко и на Велигденската миса.

Папата во Палестина

Папата Франциско, со световно име Хорхе Марио Бергољо, е роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина, како син на мигрантско семејство од северна Италија. Неговата животна приказна е вистинско патување – од младиот момчe кое сакаше да танцува танго и излегуваше со девојки, до највисокиот духовен авторитет на повеќе од милијарда католици ширум светот.

„Тој беше ѓавол, мал ѓавол, многу палав, како и секое момче“, рече сестра Марта Рубино, мајка претпоставена од училиштето „Де ла Мисерикордија“, цитирана во написот објавен од агенцијата Франс прес. Сестра Рубино продолжи: „Кој би знаел дека ќе стане папа! Хорхе Марио Бергољо, сега папа Фрањо, очигледно ја вежбал табелата за множење на глас додека прескокнувал чекори внатре во училиштето. 

Пред да стане свештеник, Бергољо се школувал за индустриски хемичар. Случајна средба со непознат свештеник му го сменила животот и го насочила кон духовниот пат. Ракоположен бил во 1969 година. До тогаш, како што самиот признава во биографијата од 2010 година, излегувал со девојки, танцувал танго, па дури и работел како обезбедување во ноќен клуб.

„Ја сакам тангото и го танцував кога бев млад,“ раскажал Бергољо. „Имаше една пријателка со која делевме страст за танцот. Но, потоа го почувствував мојот повик кон Бог.“

Прво студирал во диоцезно семинарија, а потоа му се приклучил на редот на језуитите. Во 1973 година, со само 36 години, станал провинцијал на језуитската заедница во Аргентина – функција што ја извршувал до 1979 година.

Во текот на т.н. „Нечиста војна“ во Аргентина (1976–1983), период на политички прогон и исчезнувања, Бергољо го обликувал својот духовен и човечки став. Од амбициозен и конзервативен свештеник се претворил во фигура со длабоко сочувство и силно чувство за социјална правда.

Во 1998 година бил именуван за надбискуп на Буенос Аирес, а во 2001 година папата Јован Павле II го назначил за кардинал. Истата година на Синодата на епископите во Рим, Бергољо неочекувано го заменил кардиналот Едвард Еган и како главен известувач добил голема почит. Тогаш започнала неговата сериозна идентификација како потенцијален папа.

Папа од „крајот на светот“

На конклавата во 2005 година, каде се избираше наследникот на Јован Павле II, се водела трка меѓу Бергољо и Јозеф Рацингер (подоцна папа Бенедикт XVI). Наводно, Бергољо добил дури 40 гласа во еден од круговите на гласање.

По оставката на Бенедикт XVI во февруари 2013 година – прва таква оставка по повеќе од 600 години – на 13 март, Бергољо бил избран за нов папа и го зел името Франциск, во чест на св. Франциско Асишки.

„Кога бев избран, мојот пријател, кардиналот Клаудио Хумес, ми прошепна: ‘Не заборавај ги сиромашните’. Тоа ми остана длабоко во срцето, и веднаш помислив на Франциско Асишки.“

Папата кој носеше црни чевли

Од самиот почеток на својот понтификат, Франциск донесе свежина и скромност. Наместо да живее во раскошните апартмани на Апостолската палата, се пресели во обична соба во домот „Санта Марта“. Наместо традиционалните црвени чевли, избра скромни црни. Се нарекуваше „епископ на Рим“, избегнувајќи величествени титули како „наместник на Христос“.

По изборот, дури се вратил во пансионот каде престојувал пред конклавата – за лично да си го плати сместувањето.

Папа на промени, папа на луѓето

Папата Франциско беше првиот језуит, првиот папа од Америка, првиот од јужната хемисфера, и првиот неевропски папа по повеќе од 1.000 години. Под негово водство, Црквата се обиде да се отвори кон современите предизвици и проблеми, особено кон сиромашните, емигрантите, и маргинализираните групи.

Позната е неговата изјава:

„Ако некој е геј, бара Бог и има добра волја, кој сум јас да му судам?“

Со тоа, Франциско стана првиот папа кој воопшто го употребил зборот „геј“ во таков контекст. Подоцна ја опиша криминализацијата на хомосексуалноста како „неправда“ и повика на прифаќање на сите луѓе како Божји чеда.

Болеста и последните денови

Во последните недели, папата Франциско бил хоспитализиран во римската болница „Џемели“, каде што бил примен на 14 февруари поради проблеми со дишењето. Подоцна било објавено дека страдал од сериозна респираторна инфекција и двострана пневмонија, што го отежнувала дишењето.

Неговото водство во Црквата ќе остане запаметено по отвореноста, хуманоста и посветеноста кон скромноста. Неговата способност да инспирира и поттикнува на промени го доближи до милиони верници – и дури и до оние надвор од рамките на Црквата.

Д-р Грегори Рајан од Универзитетот во Дурам го оцени вака неговото влијание:

„Критиките што сега се упатуваат кон папата, често доаѓаат од истите кругови кои во минатото бараа безусловна послушност од свештенството. Тоа е парадокс на неговото време – но исто така показател за тоа колку ги раздвижи нештата.“

Со неговата смрт започнува формалниот процес за избор на нов поглавар на Римокатоличката црква. Но ликот на папа Франциск – скромниот човек што некогаш играл танго – ќе остане врежан како еден од најдостапните и најемпатичните папи во поновата историја.

Историска посета на Македонија

Во мај 2019 година папата Франциско ја посети и Македонија како земја пример за мултиетнилка и мултирелугиска хармонија. Македонија достојно го пречека папата Франциско, поглаварот на Католичката црква, при неговата прва историска посета на нашата земја. Целиот протокол за предвидени посети помина во совршен ред, со присуство на голем број верници од соседството и од регионот. Иако папата беше само десет часа во Македонија, покажа задоволство и радост кон земјата. Замина задоволен, порачувајќи дека Македонија е мост меѓу Истокот и Западот.

 

– Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се слеваат многу културни струи, каде што се обединуваат многуте карактеристики на овој регион. Со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконостаси во старите цркви, кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на апостолите, се изразува нејзината богата илјадалетна култура што ја наследила. Но дозволете ми да кажам дека ова културно богатство е само огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја, и комплексните односи низ минатите години – истакна папата Франциско.

Во своето обраќање папата Франциско ги истакна солидарноста и хуманоста со бегалската трагедија што ги покажаа граѓаните и надлежните хуманитарни организации во Република Северна Македонија и се задржа на мисијата на светата Мајка Тереза, која како наша сограѓанка ја прошири својата мисија за помош на запоставените, на отфрлените и најсиромашните токму од Скопје.

  

– Ве охрабрувам да го следите верно почнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграција што ќе роди плодови помеѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе можат да изградат заедничка иднина, учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе. Бог да ве пази и да ја благослови Северна Македонија, да ја зачува хармонијата и да даде просперитет и радост – порача светиот отец, папата Франциско.