Кои се водителките на Оскарите?


САД– Комичарките Ејми Шумер, Реџина Хол и Ванда Сајкс ќе бидат водителки на годинешното доделување „Оскари“, а продуцентите на церемонијата се обидуваат да привлечат нови гледачи по рекордно ниската гледаност во 2021 година, објавија во понеделникот „Вараети“и „Њујорк тајмс“.

Продуцентите ги финализираат деталите, а официјалното соопштение ќе биде објавено во вторник во емисијата „Добро утро, Америка“ на Еј-би-си.

„Еј-би-си“, во сопственост на „Волт Дизни ко“, ќе ја емитува церемонијата на доделување на „Оскарите“ на 27 март.

Највисоките почести во филмската индустрија, што ги доделува Академијата за филмски уметности и науки, немаат домаќин од 2018 година.

Нема да биде потребен доказ за вакцинација против коронавирус за да присуствувате на годинешните Оскари. Според британски „Гардијан“, Американската академија за филмски уметности и науки нема да бара пропусница за ковид за присуство на церемонијата. Наместо тоа, од гостите ќе се бара негативен ПЦР-тест или негативен брз антигенски тест, објави „Холивуд репортер“.

Филмот „Моќта на кучето“ (The Power of the Dog) на Нетфликс, ревизионистички вестерн кој го користи овој жанр за да ја истражи токсичната машкост, доминира со 12 номинации за Оскар. Веднаш зад него е „Дина“, голема адаптација на популарниот научно-фантастичен роман за кој некогаш се веруваше дека не може да се пренесе на големото платно, доби 10 номинации за Оскар. „Приказната од западната страна“ и „Белфаст“ добија по седум номинации.