Кои се советниците на премиерот Мицкоски?
Засега се 17 на број. Нивните примања се од 60 до 90 илјади денари и тие го советуваат премиерот Христијан Мицкоски за различни прашања. Некои се поранешни министри, еден е поранешен претседател на Собранието, други се помалку познати во јавноста.
„Фокус“ денеска ги објави имињата на овие советници. Некои од нив се знаеја уште преходно, но некои што сами се пофалија ги нема на овој список.
Советникот за реформи во здравството и член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Николов, е предложен за амбасадор во Франција, што значи дека уште малку ќе го советува премиерот. И претходно се знаеше дека универзитетскиот професор и поранешен пратеник Александар Спасеновски го советува премиерот за европски прашања.
Цветко Мицевски е надворешен советник во премиерскиот кабинет за инфраструктура, додека Сашо Марковски е советник за надворешна политика и специјален претставник во процесот на преговори со ЕУ.
Јоханес Хајдекер е надворешен советник – експерт за зајакнување на капацитетот на економскиот тим и координација со други министерски ресори при подготовка и имплементација на економски политики.
Потоа, Лазар Јовевски е надворешен советник за труд и социјална политика, Снежана Трпевска е советник за унапредување на образованието, здравство и социјална заштита, а Гоце Наумовски е советник за прашања од областа на правото.
Најпознатите имиња меѓу советниците се поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески (финансии и банкарство), поранешниот вицепремиер за економија Владимир Пешевски (стратешки прашања од економијата), поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски (политички и правосуден систем)…
Двајца поранешни високи функционери од областа на безбедноста ќе го советуваат премиерот: Љупчо Андоновски, советник за национална безбедност, и Горан Николовски, советник за стратешки прашања од областа на безбедноста.
Според информациите на „Фокус“ премиерот го советуваат и Шенер Биљали за односи меѓу заедниците, Мимоза Рајл за култура, Јован Пејковски за политички и економски науки и Даме Димитровски за животна средина и клима.