Кои се пораките од „Сесрпскиот собор“ и што рекоа Вучиќ и Додик

Иако беа испратени пораки за мир и соживот со другите народи, Додик уште еднаш јавно ја изрази својата намера Република Срспска да ја напушти Босна и Херцеговина


Александар Вучиќ и Милорад Додик се прегрнуваат на Сесрпскиот собор (Фото: Фонет)

 

Во Белград со денови се веат стотици знамиња на Србија и на Република Српска, еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, како најава за собир на претставници на српскиот народ од целиот балкански регион.

„Ние сме решени за мир и тоа не е насочено против никого, ниту некој треба да биде загрижен, само сакаме да ги заштитиме интересите на српскиот народ“, е пораката на највисоките функционери на Србија и РС од Белград.

Се слушнаа и оценки како „историски ден“ за српскиот народ.

На иницијатива на претседателите на Србија и на РС, Александар Вучиќ и Милорад Додик, се одржа „Сесрпскиот  собор“ под слоганот „Еден народ, еден собор – Србија и Српска“ при што двете влади усвоија заедничка „Декларација за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ“.

Иако беа испратени пораки за мир и соживот со другите народи, Додик уште еднаш јавно ја изрази својата намера РС да ја напушти Босна и Херцеговина.

На седницата беше донесена одлука за распишување на меѓународен конкурс за изградба на меморијални центри во Белград и Доња Градина во Република Српска посветени на жртвите од злогласните усташки логори во Јасеновац и Козара за време на Втората светска војна.

На заедничката седница на владите на Србија и РС присуствуваа некои политички претставници на Србите од Црна Гора и Македонија (Иван Стоилковиќ), како и српски црковни великодостојници, предводени од поглаварот на Српската православна црква, Порфириј.

„Декларацијата за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ“ се состои од 49 точки во кои, меѓу другото, се наведува дека српскиот народ претставува единствен ентитет, дека името на нацијата е едно и дека е невозможно да се смени. Соборот, како што беше посочено, очекува целосна реализација на процесот на национално помирување и надминување на историските поделби во српскиот народ.

Како што е наведено, Сесрпскиот собор наведува дека Косово и Метохија е неотуѓив дел од Република Србија и инсистира да се користи целосното име на јужната српска покраина – Косово и Метохија.

Соборот, се додава, изразува почит за сите жртви кои загинаа за време на војната во Босна и Херцеговина, како и за сите жртви кои загинаа во војните на територијата на поранешна Југославија. Сесрпскиот собор не ја поддржува Резолуцијата за Сребреница за која во Генералното собрание на Обединетите нации гласаа 84 земји.

Се наведува и дека Република Српска е задоволна од високиот степен на автономија дефинирана со Дејтонскиот мировен договор и затоа инсистира на суштинско и формално спроведување на Дејтонскиот мировен договор.

По големи горештини во Белград, на температура над 30 степени Целзиусови, на манифестацијата учествуваа десетици фолклорни ансамбли, кои со часови чекаа на сонце, во народни носии, за да заиграат пред насобраните на повеќе локации во главен град на Србија.

Пред гласањето на Генералното собрание на Обединетите нации  резолуцијата за геноцидот во Сребреница, претседателите на Србија и на Република Српска, Александар Вучиќ и Милорад Додик, се согласија да организираат „сесрпски собор “, како еден вид одговор на документот на ОН, кој нема обврзувачки карактер.

Иако иницијаторите на резолуцијата рекоа дека таа не е насочена против целиот народ, властите на Србија и на РС го тврдат спротивното и остро се спротивставија на резолуцијата.

„Ние не сме геноцидна нација и таа резолуција не не засега во однос на нејзиното спроведување“, рече Додик, кој во Белград пристигна од Санкт Петербург, каде што учествуваше на Меѓународниот економски форум, чиј домаќин беше рускиот претседател Владимир Путин.

Секој 11 јули Сребреница го одбележува геноцидот кога, во 1995 година, српските сили во Босна убија околу 8.000 муслимани.

Претставниците на РС ја критикуваа одлуката на властите во Сараево да ја поддржат резолуцијата за Сребреница, бидејќи таа беше донесена без Бања Лука и заобиколување на Уставот на БиХ.

„Бевме задоволни од автономијата според Дејтонскиот договор, но мора да знаете дека таа беше уништена со разни акробации…“, рече Додик, кој е под санкции на одредени западни земји.

Тој ја повтори идејата за мирно одвојување на РС и Федерацијата Босна и Херцеговина, а властите во Бања Лука создадоа работна група која ќе подготви документ за одвојувањето.

„Подобро е да живееме како добри соседи, секој со свои права и територија, отколку постојано да се спротивставуваме“, рече Додик во Белград на состанокот на двете влади.

Тој најави и дека во иднина ќе се слави како државен празник во РС како во Србија – 15 февруари, но дека 9 јануари ќе продолжи да се слави како „Ден на создавањето на РС“, а тој датум е сè уште споре во Босна и Херцеговина.

Иако за време на војната во 1990-тите, тогашните власти во Србија воведоа блокада на Република Српска, незадоволен од политичките потези на локалното раководство, Вучиќ му рече на Додик дека Србија „никогаш нема да ја напушти Република Српска“.

Но, тој имаше порака за Додик.

„Барам се да реши по мирен пат и во договор со другите во согласност со Дејтонскиот договор“, рече Вучиќ.

Освен Србите, другите два конститутивни народи во Босна и Херцеговина се Бошњаците и Хрватите.

Дејтонскиот договор беше потпишан на крајот на 1995 година во Америка и стави крај на крвавата војна во поранешна Југославија.

Србија беше еден од потписниците на тој документ, а со него БиХ беше поделена на два ентитета – Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина, заедно со областа Брчко.

За прв пат на заедничката седница на владите на Србија и РС, која се одржа претходно, како гости присуствуваа претставници од Црна Гора, пред сѐпретседателот на црногорското Собрание Андрија Мандиќ, како и многу бизнисмени од тоа земја, која до 2006 година беше во унија со Србија.

Политичките односи меѓу Србија и Црна Гора се нарушени со години, но во последно време има одредени случувања и подобрувања.

Сепак, одлуката на Владата на Црна Гора да ја поддржи Резолуцијата на ОН за Сребреница повторно ги подигна тензиите меѓу Белград и Подгорица, но и во Црна Гора, бидејќи партиите кои ја уживаат поддршката на Белград и се сметаат себеси за „српски“ остро го осудија потегот на кабинетот на Милојко Спаиќ.

Претставниците на опозицијата во Република Српска, како и на српските партии во институциите на Босна и Херцеговина, изјавија дека не добиле покана да дојдат во Белград.

„Треба да водиме рационална политика, а не непотребно да ги провоцираме големи сили“, смета Небојша Вукановиќ, претседател и пратеник на Движењето за правда и ред, објави сараевско „Ослобоѓење“.

Драган Миоковиќ, претседател на Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, рече дека „ова не е сесрпски собор “.

„Тоа ќе биде собир на националистите и клерот. Јас сум Србин. Јас сум претседател на највисокото законодавно тело во Федерацијата Босна и Херцеговина. Зошто не добив покана за тој сесрпски собор?

На тој сесрпски собир нема да има Срби од Хрватска или Словенија, зошто? Затоа што ние не сме националисти“, изјави Драган Миоковиќ, пренесе „Ослобоѓење“. (Според агенциите)