Кои се ќерките на Путин и зошто се знае толку малку за нив

Двете ќерки на Путин, кои сега се под американски санкции, се од неговиот брак со поранешната сопруга Људмила. Нивното споменување е табу тема во Русија


Путин со семејството снимени во 2002 година (Фото: Алами)

 

Претседателот на Русија, Владимир Путин, отсекогаш бил таинствен кога станува збор за прашања поврзани со неговото семејство.

Во 2015 година, за време на една од неговите маратонски прес-конференции, тој избегнуваше прашања за идентитетот на неговите ќерки.

„Моите ќерки живеат во Русија, а студираа само во Русија, горд сум на нив“, рече тој. „Тие зборуваат течно три странски јазици. Никогаш не разговарам за моето семејство со никого. Секој човек има право на својата судбина, тој го живее својот живот и го прави тоа достоинствено“, додаде тој.

Можеби не сака да ги именува, но другите сакаат. Последната рунда американски санкции беа насочени кон Марија Воронцова (36) и Катерина Тихонова (35).

„Веруваме дека многу од имотите на Путин се скриени кај членовите на семејството и затоа ги таргетираме“, рече еден американски функционер.

Иако малку е официјално потврдено за семејниот живот на претседателот Путин, документите, медиумските извештаи и повремените јавни изјави се доволни за да се обезбеди портрет на парот.

Тие две се ќерки на претседателот Путин и неговата поранешна сопруга Људмила. Двојката се венчала во 1983 година кога таа била стјуардеса, а тој офицер на КГБ. Нивниот брак траеше 30 години, опфаќајќи го брзиот раст на Путин на врвот на рускиот политички систем.

Владимир Путин снимен во 2007 со сега веќе поранешната сопруга Људмила и ќерката Марија

Во 2013 година тие се разделија. Путин рече „тоа беше заедничка одлука: тешко се гледаме, секој од нас има свој живот“. Таа рече дека тој бил „целосно удавен во работата“.

Нивната постара, Марија Воронцова, е родена во 1985 година. Студирала биологија на Универзитетот во Санкт Петербург и медицина на Московскиот државен универзитет.

Г-ѓа Воронцова сега е научен работник, специјализирана за ендокриниот систем. Таа ко-напишала книга за заостанат раст кај децата и е наведена како истражувач во Истражувачкиот центар за ендокринологија во Москва.

Таа е и бизнисменка. Би-Би-Си Русија ја идентификуваше како косопственик на компанија која планира да изгради огромен медицински центар.

Марија Воронцова и Катерина Тихонова

Г-ѓа Воронцова е мажена за холандскиот бизнисмен Јорит Јост Фасен, кој некогаш работел во рускиот државен енергетски гигант „Гаспром“, иако тие наводно се разделиле.

Луѓето кои разговарале со неа по инвазијата во Украина велат дека таа го поддржува нејзиниот татко и фрли сомнеж во меѓународното известување за конфликтот.

Во споредба со нејзината сестра, Катерина Тихонова е многу повеќе во очите на јавноста, не само поради нејзиниот талент како рокенрол танчерка. Таа и нејзиниот партнер беа петти на меѓународен настан во 2013 година.

Истата година се омажи за Кирил Шамалов, син на долгогодишен пријател на претседателот Путин. Нивната венчавка се одржа во ексклузивен ски-центар во близина на Санкт Петербург. Тамошните работници рекоа дека двојката пристигнала на санки влечени од три бели коњи.

Шамалов беше санкциониран од САД во 2018 година за неговата улога во енергетскиот сектор на Русија. Американското Министерство за финансии соопшти дека „неговото богатство драстично се подобрило по бракот“. Двојката оттогаш се раздели.

Помалата ќерка катерина Тхонова, презеде некои јавни улоги без да биде споменувана како дете на претседателот Путин (Фото: Ројтерс)

По инвазијата на Украина, двајца руски активисти беа уапсени за окупирање на луксузна вила во Бијариц за која се вели дека е во сопственост на г-дин Шамалов.

Г-ѓа Тихонова сега е во академијата и бизнисот. Таа накратко се појави на руските државни медиуми во 2018 година за да зборува за невротехнологијата, а исто така и на бизнис форум во 2021 година. Во ниту еден случај не беше спомената нејзината врска со претседателот.

Се вели дека ниту една од нив не поминува многу време со претседателот Путин.

Путин има и внуци. Тој ги спомна на телефонски разговор во 2017 година, но не кажа колку има или која од неговите ќерки ги има.

„Во однос на моите внуци, еден веќе е во градинка. Ве молиме разберете, не сакам тие да растат како некој вид кралски принцови. Сакам да растат како нормални луѓе“, рече тој. (Би-Би-Си)