Кои се кандидатите на ДУИ за „чесните и одговорни функции“?


Фото: Б. Грданоски

 

Чесни и одговорни – беа двете ветувања со кои премиерот Зоран Заев ги најави кадрите што ќе добијат функции во новата власт. Откако во јавноста почнаа да се вртат имиња на кандидатите за високи позиции на ДУИ, прашањето е дали таа реторика конечно ќе биде применета во пракса. Првиот впечаток е дека од тие што се споменуваат повеќето веќе ротирале на друга функција и дека специјалност им е – добивање нова.

Од сите имиња што се споменуваат, најмногу паѓа во очи информацијата дека челната позиција во МЕПСО, според „Лајм“, или АЕК според другите албански медиуми, ќе ја добие синот на Муса Џафери, Аријанит Џафери. Аријанит Џафери влезе на голема врата во бизнисот откако неговиот татко беше тргнат од рефлекторите вперени во ДУИ, па кратко време откако стана косоптвеник на фирма за трговија и снабдување со електрична енергија, доби тендери во вредност од милион и пол евра, од кои најголем од Македонски железници.

Голема е сепак веројатноста за неговото именување да е спин, бидејќи за истата позиција во МЕПСО се споменува и претседателката на Унијата на жените на ДУИ, Мукадес Хајдари, која се смета за најзаслужна за големиот одзив на жените на изборите. Хајдари предава на Универзитетот „Мајка Тереза“ и е претставник на чаирскиот огранок на ДУИ. Таа исто така била преставник на ДУИ во Комисијата за лустрација.

На листата боде очи и Назим Буши, кандидат за заменик министер во МВР, инаку екс командант на ОНА во кумановскиот регион кој своите воени заслуги ги наплати повеќекратно. Тој од 2010 година е во управувачката структура на „Телеком“, а неговото именување за претседател на одборот на директори на оваа компанија остана запаметено по тоа што беше сменета регулативата за да му се дуплира платата, па додека останатите земаа до 1.500 евра тој, наводно заради проширено портфолио добил плата од 5.000 евра. А, Буши, кој според некои извори е во роднинска врска со семејството Буши што има бизнис империја во Скопје, но не директна, кариерата ја почнал како член на обезбедувањето на партијата ПДП, а потоа како вработен во радарската служба на аеродромот „Петровец“, додека не заминал во ОНА.

Буши има  завршено на Педагошки факултет, а магистрирал комуникации и медиуми на Универзитетот „Кирил и Методиј“. ДУИ во времето на министерот Љубомир Михајловски – Џанго го предложила за директор на УБК, но предлогот бил одбиен. Буши за својата активност пред 2001 година добил и затворска казна, но по 2001-та не се симнува од функција – бил заменик директор на Директоратот за заштита и спасување на Владата, потпретседател во управниот одбор на Гинекологија Чаир и советник на градоначалникот во Чаир. Неофицијално, неговиот брат Назиф Буши бил заменик-извршен директор во МРТВ, а потоа и во надзорниот одбор на МЕПСО.

Шефик Бајрами, кој се споменува како заменик-директор на Бирото за јавна безбедност каде што е сега директор Сашо Тасевски, е професионален полициски кадар кој претходно бил началник на СВР Тетово, а потоа помошник-директор за јавна безбедност.

За АЕК се врти и името на Газменд Ајдини, кој е познат на јавноста бидејќи како аналитичар редовно гостува на телевизиите, додека Башким Хасани, кој се споменува како можен заменик-министер во одбраната се смета за човек Невзат Бејта, екс-градоначалник на Гостивар. Пред да стане шеф на кабинет на Бејта, Хасани бил наставник во училиште во Гостивар, а потоа директор на Центарот за култура во истиот град. На позицијата би дошол од функцијата заменик-директор на Управата за финансиска полиција. Кога беше избран да го води огранокот на ДУИ  во Гостивар тој егзалтирано ја даде оваа изјава:

„Од денес на нова задача. Одговорност на прво место. Работа и посветеност, пред сѐ и основно. Се чувствувам привилегиран за задачата што ми е доверена. Денес ја сфаќам како обврска  задачата што ми е дадена од лидерот и партијата што ја претставувам, да ја извршувам со искреност и целосна одговорност, секогаш засновано на закон“.

Инаку Хасани е познат и како спортист, т.е. борец пеливан.

Илир Хасани, кој се споменува како заменик-министер за здравство, е познато лице во здравството кој може да се најде на повеќе фотографии со министерот Венко Филипче при редовните активности. Роден е во Куманово во 1977 година, во семејство на лекари со интелектуална традиција. Дипломирал медицина на  Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а од 2003 година работи во одделот за трауматологија на Клиничкиот центар .

Притоа, тој бил на неколку водечки позиции во здравствени установи, меѓу кои в.д. директор на Клиниката за ортопедски болести, раководител на Ургентниот центар, а како последно директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивна нега и ургентни центри.

Беким Реџепи, кој е поранашен член на Судскиот совет, треба да седне во заменик-министерско столче во Министерство за транспорт и врски. Тој се смета за близок со екс-министерот за правда Блерим Беџети и беше уловен како заедно „благословуваат “ улици со бекатон плочки во Сарај.

За поранешниот министер за економија Беким Незири се шпекулира дека ќе биде избран за директор на установата „златна кокошка“ М-НАВ, а за Садула Дураку дека би можел да ја заземе позицијата на актуелниот член Назим Буши во управниот одбор на „Телеком“. Јавното претпријатие за државни патишта се шпекулира дека ќе премине во рацете на Ејуп Рустеми, сегашен директор на Македонски пошти, кои не видоа аир од неговото управување.  (Н.В.)