Кои се дупките во Уставот што сака да ги пополни со Бугари официјална Софија?
Претседателот Стево Пендаровски вчера во интервјуто за ТВ 24 посочи дека Бугарија доставила нови барања до Брисел последните денови, кои, според него, се небулозни. Меѓудругото, официјална Софија барала Бугарите да бидат вклучени не само во Преамбулата на Уставот со сите други делови од народи, туку и во нормативниот дел.
Ваквите барања очигледно се нов обид на Софија да обезбеди специјални, а не еднакви права за трите илјади Бугари во Македонија и што е портрагикомично, да обезбеди уставен статус за (според нејзините проценки) стоте илјади македонски државјани кои зеле бугарски пасоши, т.е. тие да се бројат како Бугари во Уставот и согласно на тоа да ги имаат правата што ги обезбедија Албанците со Рамковниот договор.
Иако не е кажано вака, нема друга логика во ваквото барање освен на мала врата да се протнат бугарскиот јазик и специјални позиции и права на Бугарите во нашата држава, за да можат во иднина да ја бугаризираат Македонија од внатре. Уште повеќе што Софија од почетокот бара Бугарите во уставот да не бидат третирани како малцинство, т.е. „дел од народ“, како што стои во Преамбулата, туку да бидат третирани како рамноправни со македонскиот народ во создавањето на нашата држава, т.е. да бидат споменати како конститутивни.
Соопштувајќи го барањето на Софија, Пендаровски потенцираше дека ниту една етничка заедница во државата не е внесена во нормативниот дел на Уставот, па оттука не е можно да влезат ниту Бугарите. Во него сега се споменуваат само македонскиот народ, Македонците кои живеат надвор од границите на државата, МПЦ и Исламската верска заедница.
Кои се всушност одредбите преку кои Софија може да се инфилтрира политички во нашата држава и да решава за нашата иднина, бидејќи Бугарите да бидат споменати како „дел од бугарскиот народ“ во Преамбулата очигледно не е крајната амбиција на Софија? Таков простор пред сѐ остава Членот 49 од Уставот во кој стои:
„Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ.
Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство.
Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.
Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.
Друга шанса за Бугарија е Членот 7 на Уставот кој регулира дека „На целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“. Со друг амандман е сменет Членот 69 и сега стои дека „за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија“.
Со амандман како резултат од Рамковниот договор во Уставот е внесен и Членот 48 во кој стои дека „припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница. Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници. Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет. Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон“.
Произлегува дека, инсистирајќи на групни институционални и други права кои се одразуваат и преку политички позиции политичките партии на Албанците ја отворија Пандорината кутија за вакви интервенции и од Бугарија, а сега токму тие (преку министерот Бујар Османи) мораат да се справуваат со проблемите што ги отвори ваквото менување на Уставот на Македонија. (Н.В.)