(Галерија) Ова се пораките на папата Франциско од Скопје до светот и до македонските граѓани

Утрово, на 88 години, почина папата Франциско, кој ќе остане запаметен и во нашата историја како прв поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил Македонија. Тој беше 226-от римски бискуп и шеф на државата и суверен на Ватикан. Ја водеше Католичката црква од 13 март 2013 година. Секуларното име на папата е Хорхе Марио Бергољо и тој бил роден во Буенос Аирес.

„Драги браќа и сестри, со длабока тага морам да ја објавам смртта на нашиот свет отец Франциско. Во 7 часот и 35 минути утрово Римскиот бискуп Франциско се врати во домот на Отецот. Целиот негов живот беше посветен на службата на Господ и Неговата црква. Тој нè научи да ги живееме евангелските вредности со верност, храброст и универзална љубов, особено во корист на најсиромашните и најмаргинализираните. Со неизмерна благодарност за неговиот пример како вистински ученик на Господ Исус, душата на папата Франциско ја поклонуваме на бескрајната милосрдна љубов на Едниот и Троичен Бог“, објави кардинал Фарел.

На 14 февруари, понтифот беше примен во болница со тешка респираторна инфекција, а беше отпуштен на 23 март. Тој вчера кратко се појави на балконот на базиликата Св. Петар за благословот Урби и Орби и им го честиташе Велигден на верниците.

Папата Франциско во Скопје престојуваше десет часа, а посетата се совпадна со 25-годишнината од воспоставување на дипломатските односи меѓу Македонија и Ватикан. На 7 мај 2019 година на централниот плоштад во Скопје папата Франциско одржа света литургија, а по неговата посета порача дека „Македонија е портата преку која христијанството влезе во Европа”, а жителите на македонското тло биле првите Европејци на кои апостолот Павле им го пренел Христовото учење. Тој притоа напомена дека „Бугарија и Македонија се две древни, но и различни нации”, истакнувајќи дека „македонскиот народ има голема културно-историска традиција, но дури неодамна успеа да ја конституира својата државност”.

Кои пораки ги упати папата Франциско од Скопје до светот и до македонските граѓани при првата апостолска и историска посета на еден папа?


♠„Оваа мешавина од етнички и религиозни култури и припадности, беа причина да се стигне до мирен и траен соживот, во кој посебните идентитети разбраа и можат да се изразат и да се развиваат без да бидат негирани, угнетувани или дискриминирани од другите. Така беа оформени односите и ситуациите меѓу заедниците, кои од овој аспект, може да бидат пример за спокоен и братски соживот. Преку разликите и заедничката почит.
Овие посебни карактеристики во исто време се од важно значење за патот кон што побрза интеграција со европските земји. Се надевам дека оваа интеграција ќе се развие позитивно за целиот регион на Западен Балкан и дека заедно со интеграцијата ќе се развива и почитувањето на различностите и основните права“.

♠„Светиот Престол, од моментот кога Северна Македонија ја има независноста, со големо внимание го поддружуваше секој чекор кој вашата земја го направи за унапредување на дијалогот и за разбирањето меѓу властите и верските деноминации. Денес, божјата промисла ми ја дава оваа можност да ја искажам лично таа блискост и да ја изразам мојата благодарност за посетата. Ве охрабрувам да го следите верно започнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграција која ќе роди плодови помеѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе можат да изградат заедничка иднина, учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе“.