Кои македонски компании имаат најдобра пракса за безбедност и здравје при работа?

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ги додели плакетите на трите најдобро рангирани компании во нашата држава согласно Националната награда на компанија со најдобра пракса за безбедност и здравје при работа за 2020 година.

Изборот беше во организација на националниот Совет за безбедност и здравје при работа, со поддршка од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Согласно резултатите од работата на комисиите и оценувањето, добитници на признанијата оваа година се компаниите: ГД Гранит АД – Скопје, Млекара АД – Битола и Макстил АД – Скопје.

При доделувањето на признанијата, министерката Шахпаска ја истакна исклучителната важност на безбедноста и здравјето при работа, на креирањето и успешната имплементација на политики и системи на безбедност и здравје на работното место, културата на превенција, како теми и области кои се од особено значење и кои се несомнено мошне актуелни, како во нашата држава, така и пошироко.

– Законот за безбедост и здравје при работа заедно со Законот за работни односи како два системски закони кои се комплементарни се закони на кои ќе се работи периодов кој следува, затоа што сакаме  да ги изградиме согласно највисоките европски стандарди почитувајќи ги препораките на МОТ и експертизата на стручните лица, посочи Шахпаска.

Министерката истакна дека ова прогласување и доделување на наградите на компаниите го реализираме во текот на Европската недела за безбедност и здравје при работа (од 19 до 23 октомври оваа година) и со тоа, заедно со сите останати европски земји, земји-членки на ЕУ и кандидати за членство во Унијата, и нашата држава рамноправно се вклучува во одбележувањето на овие значајни датуми кои се целосно посветени на подигнувањето на свеста кај сите субјекти за прашањата поврзани со безбедноста и здравјето при работа.

Таа се осврна и на темата која ќе биде во фокусот на претстојната двегодишна кампања за БЗР, т.е. темата поврзана со мускулно-скелетните нарушувања.  – Исклучително важна тема, за работниците, за компаниите, за безбедноста и здравјето при работа, како на меѓународно ниво, на ниво на Европската унија, така секако и кај нас, соопштуваат од МТСП.

– Мускулно-скелетни нарушувања се 60 отсто од причините за кои работниците се жалат и се причина за отсуства од работните места. Односно од пет работници, тројца имаат вакви нарушувања. Ваквите мускуло-скелетни нарушувања се причина за сериозна загриженост, и тоа не само поради ефектот кој тие го имаат врз здравјето на директно засегнатиот вработен, но и поради ефектот и влијанието што го имаат врз производството и деловните процеси во компаниите, но и врз стопанството во целост, истакна таа.

Шахпаска им се заблагодари на присутните претставници од наградените компании, но и на сите останати компании, кои оваа година можеби не беа прворангирани и наградени, но кои се охрабрија и се пријавија за учество во овој избори и  изрази надеж дека од година во година, како што рече, ќе имаме и континуирано зголемување на бројот на компании кои ќе се пријавуваат на повикот за избор на компанија со најдобра пракса за БЗР.