Кои компании во Европа ги намалуваат работните места заради КОВИД-19?

Невработеноста во цела Европа се зголеми како резултат на пандемијата на коронавирус при што авиокомпаниите и автомобилскиот сектор направија некои од најголемите кратења на работните места

 

Околу 397.000 луѓе во Европската унија ги загубија работните места во април, според податоците на агенцијата за статистика на ЕУ, објавени во јуни.

Стапката на невработеност во ЕУ се искачи на 6,6 отсто во април, по 12-годишниот минимум од 6,4 отсто претходниот месец, според Евростат. Тоа е најголем пораст во изминатите неколку години.

Додека шемите за отстуство (пуштањето на работниците на привремен одмор при што владите плаќаат процент за нивните плати) ширум Европа на некои им помагаат да се заштитат од економското влијание на КОВИД-19, други се помалку среќни.

Еуроњус“ објави ажуриран список на компании во Европа што ги намалуваат работните места заради – или делумно поради КОВИД -19.

Обединето Кралство

Бритиш петролеум“ (10.000 работни места)

Британскиот нафтен гигант БП објави дека планира да намали 10.000 работни места, како резултат на кризата со коронавирус, што ја намали глобалната побарувачка за нафта и ги намали цените.

Во компаниската електронска порака, во која имаше увид „Еуроњуз“, извршниот директор Бернард Луни го потврди намалувањето на работните места, велејќи дека повеќето ќе бидат направени оваа година.

Тој рече: „Сега ќе започнеме со процес со кој околу 10.000 луѓе ќе го напуштат БП – најголемиот број од нив до крајот на оваа година“.

Иако во пораката не се прецизира каде ќе има технолошки вишок, во неа се вели: „Поголемиот дел од засегнатите лица ќе бидат оние кои работат во канцеларија. Ние ја заштитуваме ‘фронт-линијата’ на компанијата и, како секогаш, даваме приоритет на безбедни и сигурни операции “.

Pret A Manger (30 продавници)

Силно погодена од КОВИД -19 во однос на „протокот на пари“ (готовинскиот тек) и „оперативните трошоци“, синџирот на продавници за сендвичи во изјавата во која што имаше увид „Еуроњус“ вели дека ќе затвори 30 продажни места низ целата земја, речиси половина од нив во Лондон.

„Прет не соопшти колку работни места ќе бидат скратени. Компанијата вработува околу 8.000 луѓе во Велика Британија.

„Кога се појави кризата со коронавирусот, рековме дека приоритет е да ги заштитиме нашите луѓе, нашите клиенти и, се разбира, ‘Прет’. Потврдивме дека нашата намера е да сториме сè што можеме за да ги сочуваме работните места“, вели извршниот директор на Прет, Пано Христо.

„Иако бевме во можност да го сториме тоа (сочувувањето на работните места) во периодот на заклучувањето, пред се благодарејќи на виталната поддршка на владата, сепак не можеме да се спротивставиме на гравитацијата и да продолжиме со деловниот модел што го имавме пред пандемијата. Затоа го адаптиравме нашиот бизнис и најдовме нови начини да стигнеме до потрошувачите“.

Mulberry (25 отсто од работната сила)

Дури и луксузната мода не може да куртули од коронавирус. Mulberry, британскиот бренд познат по своите кожни производи и скапите чанти, соопшти во понеделникот дека ќе намали 25 проценти од бројот на вработени ширум светот.

Се очекува поголемиот дел од работните места да бидат во Велика Британија каде што работи огромното мнозинство од нејзиниот персонал.

Casual Dining Group – Bella Italia, Café Rouge, Las Iguanas (1.900 работни места)

Сопственикот на синџирот на ресторани кој е под принудна управа, најави итно намалување на 1.900 вработени.

Според извештаите, голем број заинтересирани купувачи велат дека се заинтересирани за одвоените делови на компанијата, но не се подготвени да ги преземат сите 250 продажни места.

Затоа, најмалку 91 ресторан ќе остане затворен.

Swissport (4.556 работни места)

Компанијата за авијациски услуги Swissport соопшти дека може да намали 4.556 работни места во Велика Британија и во Ирска, со што стана последната жртва на коронавирусот, како што пандемијата продолжува да предизвикува хаос во авио-индустријата.

Swissport Western Europe, која работи на лондонските аеродроми Хитроу и Гетвик, соопшти дека мора да ја намали бројноста на персоналот за да ја преживее кризата.

Од компанијата, која вработува повеќе од 64.000 луѓе на глобално ниво, изјавија за „Еуроњус“ дека во Европа ќе бидат погодени многу вработени кои ќе бидат прогласени за технолошки вишок – но не соопштија колку работни места се изложени на ризик.

Бритиш ервејс (до 12,000 работни места)

„Бритиш ервејс“ на крајот на април објави дека ќе намали до 12.000 работни места од својата работна сила од 42.000 лица, како резултат на катастрофалното влијание на корона вирусот врз индустријата за патувања.

Матичната компанија на авиокомпанијата „Интернешнл ерлајнс груп“ (ИАГ) соопшти дека е потребно да се наметне „програма за реструктуирање и технолошки вишок“ сè додека побарувачката за авионски патувања не се врати на нивоата пред коронавирусот.

Загуби на работни места може да има и кај останатите авиокомпании на ИАГ, Иберија и Вуелинг во Шпанија и Ирскиот „Ер Лингус, предупреди извршниот директор Вили Волш.

EasyJet (околу 4.500 работни места)

Нискотарифната авиокомпанија EasyJet исто така објави дека ќе ги намали работните места поради коронакризата.

Компанијата соопшти дека 30 отсто од вработените ќе ја загубат работата, што изнесува околу 4.500 работни места.

На крајот на јуни, EasyJet соопшти дека размислува и за затворање на три од нејзините бази во Велика Британија.

Вирџин Атлантик (3.000 работни места)

Авиокомпанијата објави дека ќе намали повеќе од 3.000 работни места во Велика Британија и ќе ги стопира своите активности на аеродромот „Гетвик“.

Reach plc (550 работни места)

Најголемиот национален и регионален издавач на весници во Велика Британија – кој е сопственик на весниците „Дејли експрес“ и „Дејли мирор“ – на 7 јули објави дека крати 12 отсто од својата работна сила.

„Структурните промени во медиумскиот сектор се забрзаа за време на пандемијата“, изјави извршниот директор на групата Џим Мулен, додавајќи дека „за да се соочиме со овие предизвици и да се забрза нашата стратегија за вредност на клиентите, ние ги завршивме плановите за трансформација на бизнисот“.

„За жал, овие планови вклучуваат намалување на нашата работна сила“.

Boots (4.000 работни места)

Британскиот трговец на мало Boots, познат по своите аптеки, продавници за производи за убавина и оптичарски дуќани, ќе намали 4.000 работни места или околу 7 отсто од својата работна сила.

Затвора 48 продавници Boots Opticians, а ќе намали и 20 проценти од персоналот за поддршка во Велика Британија, се вели во соопштението на матичната компанија Волгринс Бутс Алијанс.

Иако аптеките на Boots останаа отворени за време на заклучувањето, компанијата соопшти дека „влегувањето во продавниците драматично се намали“.

Знаеме дека денешните предлози ќе бидат многу тешки за извонредните луѓе кои го сочинуваат срцето на нашиот бизнис и ќе сториме се што е во наша моќ да обезбедиме максимална поддршка“, рече извршниот директор на „Boots UK“, Себастијан Џејмс.

Џон Луис

Џон Луис ќе затвори осум продавници со потенцијално кратење на 1.300 работни места, се вели во соопштението на компанијата.

Продавниците што ќе се затворат се во Бирмингем, Кројдон, Хитроу, Њубери, Сент Панкрас, Свиндон, Тамворт и Ватфорд.

„Нашиот приоритет сега е благосостојбата и иднината на засегнатите партнери и ако се потврдат загубите на работните места, ние ќе истражиме можности за секој што сака да остане во партнерство со ‘Џон Луис’“, се вели во изјавата на извршниот директор Берангер Мишел.

Ирска

Рајанер (околу 3.000 работни места)

Буџетската авиокомпанија „Рајанер“ соопшти дека ќе намали 15 отсто од својата работна сила на глобално ниво – околу 3.000 работни места – откако пандемијата ги приземји авионите.

Главниот извршен директор, Мајкл О’Лири рече дека мерките се „минимум што ни треба само за да преживееме во наредните 12 месеци“.

О’Лири ги намали платите за 50 отсто во април и мај и сега ја продолжи мерката до крајот на март следната година.

Франција

Рено (15.000 работни места)

Францускиот производител на автомобили „Рено“ на крајот на мај објави дека ќе намали 15.000 работни места ширум светот, бидејќи се обидува да се извлече од падот на продажбата на автомобили, што се намали уште повеќе заради коронавирусот.

Околу 4.600 од тие работни места би биле скратени во Франција. Сепак, таа бројка може да биде помала бидејќи Рено обезбеди државен заем од 5 милијарди евра и во замена ќе ги преструктуира своите фабрики.

Францускиот претседател Емануел Макрон им рече на вработените во две фабрики на Рено дека нивната иднина е загарантирана.

Протести во Франција по најавите за затворање на фабрики на „Рено““

„Рено, кој е делумно во сопственост на француската влада, беше под притисок дури и пред ударот на КОВИД-19 – минатата година ја објави својата прва загуба во последната деценија.

Намалувањето на работните места е дел од плановите за заштеда од 2 милијарди евра во текот на следните три години.

Ербас (15.000 работни места)

„Ербас“ на 30 јуни соопшти дека треба да се намалат 15.000 работни места бидејќи се соочува со „најтешката криза што овој сектор досега ја доживеал“. Ова претставува намалување од 1 отсто на работната сила на компанијата во светот.

Ова ги влошува изгледите на европскиот производител на авиони, кој во мај соопшти дека може да укине до 10.000 работни места во услови на пад на патувањата поради корона кризата.

Околу 5.100 работни места ќе бидат намалени во Германија, 5.000 во Франција, 1.700 во Велика Британија, 900 во Шпанија и 1.300 на другите места на групата ширум светот.

„Ербас“ во април соопшти дека за третина ќе го намали бројот на авионите што ги прави, бидејќи авиокомпаниите ги откажале или одложувале нарачките поради многуте приземјени летови.

Ер Франс

„Ер Франс“ соопшти дека ќе скрати 7.500 работни места од работната сила до 2022 година. Ова вклучува 6.500 работни места од самиот „Ер Франс“, додека уште 1.000 ќе бидат скратени во регионалната подружница Хоп.

Според францускиот водечки авиопревозник, се очекува поголемиот дел од кратењата да бидат со вработени кои самите заминуваат или одат во пензија.

Од компанијата велат дека ќе поттикнуваат доброволно заминување пред да се донесе одлука за технолошки вишок.

Еуролајнс“ (задолжителна ликвидација)

Француски суд го стави во принудна ликвидација превозникот на долги релации „Еуролајнс“, при што францускиот сообраќаен гигант престана да работи по 35 години.

Тоа се случи откако минатата година „Еуролајнс“ беше откупена од германската групација Фликсбас, но синдикатите тврдат дека холдинг-компанијата одбила да побара купувач и ја искористи пандемијата на корона вирус за кратење работни места.

Одлуката се однесува на 36 лица кои сè уште се вработени во Еуролајнс, со над 50 прераспоредени како дел од планот за зачувување на вработените.

На прашањето на „Еуроњуз“, раководството на „Еуролајнс“ рече дека постапката за стечај е „неизбежна заради финансиската состојба во која се наоѓа компанијата“.

Од таму додаваат дека финансиските тешкотии на фирмата биле „ненадејно и силно влошени од здравствената и економската криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19, која го погоди целиот патнички сообраќај и предизвика невиден глобален пад на побарувачката“.

Но, синдикатите тврдат дека холдинг-компанијата одби да бара купувач и ја искористи пандемијата на коронавирус да крати работни места.

„’Фликсбас ја испразни супстанцата на ‘Еуролајнс’, ќе го врати пазарниот удел и сега се обидува да се ослободи од вработените без да плати ништо“, рече за АФП Пјер-Франсоа Русо, адвокат кој ги застапува вработените во „Еуролајнс“.

Германија

Туи (8.000 работни места)

Англо-германската туристичка фирма Туи објави на 13 мај дека ќе скрати 8.000 работни места ширум светот.

Во полугодишниот финансиски извештај, се вели дека пандемијата е „несомнено најголемата криза за туристичката индустрија и за ‘Туи’ досега.

Во март, Туи доби заем од 1,8 милијарди евра од германската влада како помош за да се преброди корона кризата.

Тајсенкруп (3.000 работни места)

Индустрискиот конгломерат Тајсенкруп објави на 25 март дека ќе скрати 3.000 работни места во својата челичана во Германија, како дел од „пакетот за кризи“ КОВИД-19.

Групата, која прави лифтови и подморници, соопшти дека постигнала договор со моќната германска синдикална унија „ИГ Метал“ за намалување на 2.000 работни места во текот на следните три години и уште 1.000 до 2026 година.

MTU Aero Engines (1.000-1.500 работни места)

Германскиот производител на мотори за авиони објави на 6 јули дека има за цел да ја намали својата работна сила за 10-15 отсто до крајот на 2021 година во своите германски и меѓународни погони преку „зголемена употреба на флексибилни мерки“ и договори за делумно пензионирање или предвремено пензионирање.

Луфтханза (22.000 работни места)

Германската авиокомпанија Луфтханза соопшти на 11 јуни дека ќе скрати 22.000 работни места поради прекини во патувањето предизвикани од коронавирусот. Авиокомпанијата соопшти дека половина од намалувањето на работните места ќе биде во Германија.

Шпанија

„Нисан“ (2.800 работни места)

Јапонскиот производител на автомобили објави на 28 мај дека ќе ја затвори својата фабрика во Барселона, во која се вработени околу 2.800 луѓе.

Протестите избувнаа со тоа што луѓето палеа гуми за да се обидат и да се борат за своите работни места.

Фирмата соопшти дека коронавирусот изврши притисок врз компанијата и дека ќе се фокусира на нејзините пазари во Азија и Северна Америка.

Швајцарија

Шиндлер (2.000 работни места)

Компанијата која произведува ескалатори, подвижни патеки и лифтови ширум светот, на 24 јули објави дека поради влијанието на КОВИД-19 и „да ја зачува својата конкурентност“, ќе намали 2.000 работни места на глобално ниво.

Тоа беше проследено со извештај за намалување на 12,1 отсто во „нарачките во првата половина на 2020 година“.

Скандинавија

Скандинавија ерлајнс (5.000 работни места)

Додека „Скандинавија ерлајнс“ (САС), исто така, објави привремени намалувања на работните места во март, еден месец подоцна соопшти дека 5.000 вработени речиси половина од вкупниот број на вработени – ќе ги загубат трајно работните места.

Компанијата, која е во сопственост на Шведска и Данска, соопшти дека потенцијалното намалување на работната сила ќе биде поделено на приближно 1.900 места во Шведска, 1.300 во Норвешка и 1.700 во Данска. („Еуроњус“)