Кои ќе бидат приоритетите на Џафери како технички премиер?


Фото: Б. Грданоски

Целосно почитување на Уставот и законите на  Македонија, слободни, фер, демократски и конкурентни претседателски и парламентарни избори со највисоки стандарди, континуитет во спроведување на успешните Владини политики и програми , одржување на висок степен на дијалог, отвореност, отчетност и инклузивност во својата работа и комуникација со сите институции и граѓаните, како и унапредување на стратешкото партнерство на  Македонија со ЕУ, НАТО и САД – се приоритетите што ги најави Џафери во своето обраќање пред изборот на техничката влада. Еве го интегрално неговото обраќање:

„При приемот на мандатот за формирање на преодната Влада за спроведување на изборите за пратеници од Претседателот Пендаровски, истакнав дека го прифаќам мандатот со задоволство и полна одговорност, со ветување дека совесно и врз основа на Уставот и законите, Владата и преговорите за нејзино формирање ќе ги водам на соодветен начин политичката потреба и состојба во државата, со надеж дека предлогот што денес се наоѓа пред вас ќе биде соодветниот состав кој ќе ги исполни очекувањата на актуелната ситуација и над се, со одговорност кон граѓаните.

Овој состав на Владата го предлагам врз основа на меѓусебниот политички договор помеѓу лидерите на најголемите политички парламентарни партии во Собранието на Република Северна Македонија, што се одржа на 4 декември 2023 година, и каде се дефинираше рокот за одржување на редовните претседателски избори на 24 април и 8 мај и на редовните парламентарни избори на 8 мај 2024 година и се донесе одлука за формирање на преодна Влада на Република Северна Македонија.

Иако може да се нарекува преодна Влада чиј што прв приоритет ќе биде одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, сакам да го нагласам следново:

– За мене, како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за 1 или 100 дена, за техничка или преодна Влада! Јас, оваа должност, оваа доверба, чест и над сѐ, исклучително важна одговорност ја сфаќам и ќе и пристапам онака како што сум постапувал  во секоја етапа и при секој предизвик кој што се појавувал пред мене во мојот професионален и персонален живот. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи  функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија.

Имајќи предвид дека оваа Влада е предлог по преговорите на политичките партии, и е продолжение на претходната Влада која работеше со усвоена Програма за работа на Владата 2022-2024, јас и Владата што ја предводам се обврзуваме да продолжиме со целосно, ефикасно и успешно спроведување на усвоените политики. Владата на Република Северна Македонија има мандат за реализација на истакнатите приоритети врз основа на стратешките определби дефинирани на јасен и консензуален начин за целосна и забрзана интеграција и полноправно членство на државата во Европската Унија до 2030 година; за успешно функционирање и придонес за заедничката државна, регионална и европска колективна безбедност во рамките на НАТО Сојузот; за ефикасно спроведување на успешните политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и забрзувањето на растот и економскиот развој преку јасните индикатори во 2024 година, како и целосното продолжување на успешните политики, инструменти и одлуки за поддршка на социјалните, здравствените, образовните, културните и цивилните потреби и приоритети на сите граѓани. Работата на Владата ќе се заснова врз овие начела:

✔        Целосно почитување на Уставот и законите на Република Северна Македонија

✔        Подготовка и успешно спроведување на редовните слободни, фер, демократски и конкурентни претседателски и парламентарни избори со највисоките стандарди на Европската Унија, на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа

✔        Континуитет во спроведување на успешните Владини политики и програми во 2024 година

✔        Одржување на висок степен на дијалог, отвореност, отчетност и инклузивност во својата работа и комуникација со сите институции и граѓаните

✔        Одржување и унапредување на стратешкото партнерство на Република Северна Македонија со Европската Унија, НАТО Алијансата и Соединетите Американски Држави.

✔        Целосно спроведување на принципите и одлуките од Договорите важни за меѓуетничките односи, внатрешната кохезија и стабилност и успешна евро-атлантска интеграција

За да биде доследна на овие начела, Владата на Република Северна Македонија, во периодот до изборот на идната политичка Влада, ќе се фокусира на своите конкретни стратешки и државни приоритети кои ќе ги елаборирам накратко, затоа што истите ги имате во пишана и подетална форма во самата Програма за работа.

Во однос на врвниот приоритет на Владата, а тоа е подготовката и организирањето на слободни, фер и демократски редовни во директна, отворена и законита процедура и соработка со Собранието, Државната изборна комисија и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, Европската Унија и САД, ќе ги спроведе сите законски, институционални, организациски и оперативни предуслови за спроведување на јасната волја на граѓаните, со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во процесот во изборната кампања и самите избори, односно да се одржат избори со целосен легалитет, легитимитет и консензуално прифаќање на изборната волја на граѓаните.

Што се однесува на членството во Европската Унија и забрзаната европска интеграција, со цел полноправно членство до 2030 година, Владата ќе продолжи да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори.

Меѓу нив се обврските што произлегуваат од одржаните билатерални скрининг состаноци, од извештајот на Европската Комисија од скринингот за Кластер 1, како и за другите кластери кои се во процес на подготовка. Тука спаѓа и Патоказот за реформи во јавната администрација и за поглавјата за владеење на правото со Акциски план, и за подготовка на Патоказот за функционирање на демократските институции, се до нивно финализирање.

Владата ќе остане фокусирана на активностите кои произлегуваат од подготовката за успешно реализирање на Планот за раст, кој е дел од пакетот за проширување на Европската Комисија и е инструмент за засилување на социо-економската конвергенција на Западниот Балкан со Европската Унија и забрзување на ЕУ реформите.

Ќе се посветиме на клучната цел на економската политика за забрзан и одржлив раст на економијата каде го издвојувам: порастот на Бруто домашниот производ (БДП) од најмалку 3% во 2024 година. Тука сакам да додадам дека предвидените капитални инвестиции ќе продолжат и во изборниот период, бидејќи придонесуваат директно за економскиот раст и развој.

Со продолжување и заокружување на политиките кои ќе овозможат: Зголемување на минималната и просечната плата, на пензиите, продолжувањето на субвенционирањето на граѓаните и бизнисот особено во делот на цената на електричната и топлинската енергија; намалувањето на цените на прехранбените производи и задржувањето на животниот стандард на граѓаните; продолжувањето на политиките за ценовна стабилизација и враќање на инфлацијата на претходните умерени и ниски нивоа; целосната соработка со институциите во монетарната политика; целосното придржување кон фискалната дисциплина и целосното исполнување на Буџетот за 2024 година, како клучен индикатор, ќе се потврди  и успехот на претходните владини политики и затоа докажаниот правец нема да се смени ниту со оваа Влада.

Не предвидуваме ниту промена на фискалната политика и примарниот фокус ќе претставува целосниот опфат на даночните обврзници. Ќе продолжиме со директна поддршка на домашните и странските компании, затоа што тие генерираат висока додадена вредност и нови работни места. Борбата против неформалната економија нема да престане и целосната транспарентност и отчетност во управувањето со јавните финансии, ќе биде уште порешителна.

Остануваме целосно посветена на енергетската трансформација и промената на енергетската структура на државата, искористувајќи го богатиот потенцијал што го поседува Република Северна Македонија. Продолжувањето на работите на започнатите инвестициски проекти во инфраструктурата и завршувањето на најголемиот дел од проектите кои ќе понудат модерна инфраструктура и поврзаност, остануваат приоритет на Владата.

Решавањето на проблемите на граѓаните во сите општини, без разлика од кого тие се предводени ќе ја ужива поддршката на централната власт. Политиката за развојно земјоделство со финансиска поддршка кон создавање услови за одржливост продолжува, исто така и исплатата на највисокиот износ од 100% за зелена нафта за земјоделците. Се разбира, ќе обезбедиме навремена исплата на пензиите и целосно ќе ја спроведеме одлуката на претходната Влада за финансиска поддршка на пензионерите со пониски пензии, со финансиска дотација и директна поддршка на пензионерите. Целосната и навремена исплата на социјалните трансфери на различните категории на корисници ќе биде согласно утврдените Програми.

Владата ќе продолжи да спроведува политики за развивање на квалитетно образование достапно на сите, затоа што инвестирањето во образованието е инвестиција во иднината на една држава и како партнер на младите, сериозен дел од фокусот ќе го насочиме кон младите. Исто како што инвестираме и во креирањето на модерен и одржлив здравствен систем.

Владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал остануваат централни и стратегиски политики на Владата. Ќе ги спроведеме започнатите процеси за заокружување на домашното законодавство во релација со институционалните процеси на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, за определување и санкционирање на лицата поврзани со криминал и корупција.

Препораките на ОБСЕ/ОДИХР, во соработка со Собранието, ДИК, НВО и останатите упатени институции ќе бидат појдовната точка за заокружувањето на целиот процес на имплементација на измените на изборното законодавство.

Владата ќе ги преземе сите активности за целосно функционирање на Министерството за внатрешни работи и максимален придонес во одржувањето на јавниот ред и мир. Исто така, ќе го одржиме и унапредиме партнерството на Република Северна Македонија во рамките на НАТО Сојузот и ќе останеме доследни на Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.

Меѓуетничките односи, почитувањето на граѓанските, културните, јазичните, верските и останатите посебности се одлика на заедничкото општество и моделот на едно општество за сите. Тие се додадена вредност и затоа промовирањето на социјалната кохезија, инклузивноста, борбата против говорот на омраза и почитувањето на различностите како права, ќе продолжи да претставува обврска на Владата и понатака.

Знаејќи ја важноста на одржувањето на слободата на медиумите, со посебен акцент на предизборната и изборната кампања, ќе инсистираме за низ дијалог и соработка да овозможиме почитување на највисоките европски стандарди за професионално, непристрасно и објективно известување и информирање во изборниот процес, преку запазување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

На крај, но не помалку важни, ќе продолжиме да ги поддржуваме започнатите инвестиции и модели започнати во културата, како и за развој на спортот во државата, како достојни претставници на Република Северна Македонија во земјава и надвор од нејзините граници.

Сега, дозволете ми да се заблагодарам за дадената доверба, најпрво на претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, претседателот на државата, Пендаровски и пратениците во Собранието на Република Северна  Македонија кои ве претставуваат Вас почитувани граѓани“.