„Коха“: Последната средба на Курти и Вучиќ според Брисел е најдобра досега


Косовскиот известувач на медиумите на групацијата „Коха“ од Брисел, Аугустин Паљокај вели дека во Европската Унија вчерашната средба меѓу косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ се оценува како најдобра средба што двете преговарачки страни ја оствариле досега.

Во јавување во денешните вести на ТВ Коха, Паљокај рече дека, и покрај тоа што на средбата имало повеќе несогласувања одошто согласувања меѓу страните, и Курти и Вучиќ сфатиле дека треба да работат заедно за да постигнат конкретни резултати.

– Она што се кажа од ЕУ е дека средбата била многу тешка…, но извор од ЕУ рече дека никогаш порано немало подобра средба меѓу Курти и Вучиќ, бидејќи првпат ги изразиле нивните гледишта за тоа како го гледаат нормализирањето на односите меѓу двете земји. Иако не е постигнат некој конкретен резултат, се вели дека самиот факт дека треба да работат заедно за да ги намалат тензиите се смета за добра вест за ЕУ и меѓународната заедница, рече Паљокај.

Тој додаде дека во текот на минатата ноќ специјалните посредници на ЕУ и САД за дијалогот, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, разговарале со српскиот претседател, Вучиќ за нова средба, а Лајчак и други претставници на ЕУ имале средба и со косовскиот премиер, Курти.

– Не се шпеклулации, кажано е од официјални лица на ЕУ дека контактите продолжуваат… Впечатокот е дека страните треба да се воздржуваат од изјави, затоа и немавме изјави од никого. Сепак, г. Вучиќ пушта изјави преку социјалните мрежи или преку српските официјални лица и ова не е прв пат Србија да прави драми, но од тоа не може да се прочита многу, вели дописникот на „Коха“.

Според него, во четвртокот првпат се слушна од претставниците на ЕУ дека е дојдено време да започнат дискусиите за сеопфатен договор.

– Ова од причина дека разбираат оти многу од проблемите кои се појавуваат на терен се резултат на недоразбирањата околу прашањето на нормализирање на односите, рече Паљокај.