Кого ќе слушаат вмровските пратеници: Мицкоски или Груевски

Седницата, на која ќе се разгледува предлогот на Комисијата за мандатно- имунитетски прашања за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски, ќе се случи  меѓу 10 и 15 јуни, брифираше вчера собранискиот спикер, Талат Џафери. Потребно е двотретинско мнозинство, односно најмалку 80 пратеници да дигнат рака за да му се одземе мандатот на пратеникот, кој повеќе од шест месеци неоправдано отсуствува од работата во парламентот. Имајќи предвид дека власта ја нема потребната бројка, повторно се актуализира прашањето на моралната одговорност на пратениците од опозицијата, кои добија јасен сигнал од раководството на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за одземање на мандатот на Груевски, но не го уважија тоа во матичната комисија.

Премиерот Зоран Заев вчера соопшти дека нема намера да преговара со пратеници за да обезбеди двотретинско место, како што тоа беше случај при промената на уставното име, бидејќи, како што рече, народните избраници во овој случај треба да постапат само според Устав и закон.

„За мене не е само банално туку и смешно е да се каже дека на Груевски не му било овозможено правото да дојде и да се пријавува за оправдано отсутен. Тој може да дојде во секој момент. Јас посакувам да дојде и веројатно ќе биде добро да си дојде дома. Тоа е нашата цел, па да се пријавува и како оправдано отсутен. Немам намера да преговарам за оваа работа со пратеници за да добијам две третини да гласаат. Тоа е на нивна одговорност и секако на нивниот етички кодекс и морал“, потенцира премиерот.

Во понеделникот вечерта, Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ им препорача на пратениците да гласаат согласно со Уставот и законот, кои пропишуваат дека на пратеникот што отсуствувал најмалку шест месеци неоправдано му се одзема мандатот. Но, веќе утредента, двајцата опозициски членови на матичната комисија, Јохан Тарчуловски и Борис Змејковски, односно нивната замена Невенка Стаменковска, одбија да се изјаснат. Благодарение на потребното мнозинство, власта со пет гласа го однесе мандатот на Груевски пред пратениците. Висок партиски функционер од ВМРО-ДПМНЕ и вчера потенцираше дека насоките од ИО се јасни, а за нив гласал и претседателот Христијан Мицкоски. Очекуваат најголем дел од пратениците да ги послушаат препораките.

„Ние сме партија која се залага за апсолутно почитување на Уставот и на законите, така што не можеме да ја критикуваме власта дека ги прекршува, туку мора да покажеме на дело дека сме различни од нив. Не можеме да премолчиме и да замижеме пред очигледниот политички прогон што го прави власта врз неистомислениците, но доколку Груевски или кој било друг пратеник неоправдано отсуствувал од работа шест месеци, мандатот треба да му биде одземен. Гласањето во матичната комисија не беше пресудно, треба да се види контекстот, бидејќи Павле Богоевски, кој најави оставка, не ја имаше поднесено“, вели нашиот извор.

На прашањето што доколку дел од пратениците не го послушаат заклучокот од ИО, тој одговара дека за тоа понатаму ќе одлучуваат партиските тела и органи.

Никола Груевски и натаму се перципира како икона меѓу голем дел од вмровското членство, а обвинувањата и пресудите за криминал се сметаат за политички прогон.

„Треба ли да ви кажам или е доволно јасно дека ќе гласам против одлуката на Никола Груевски да му се одземе пратеничкиот мандат. Образложенија имам мал милион, од човечки до политички. И замислете, ќе се гласа за одземање мандат на пратеник кој доби најмногу гласови на парламентарните избори, пратеник кој победи во директна пресметка со наметнатиот премиер и за таа одлука ќе гласаат луѓе кои ни нивните домашни не би ги избрале да водат куќен совет“, се изјасни вчера Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Дека ќе гласаат против се изјаснија и Емил Димитриев, па и Емилија Александрова од независната пратеничка група, која лани беше избркана од ВМРО-ДПМНЕ поради гласањето за договорот со Грција.

„Конкретниот став ќе го донесеме пред седницата да биде закажана“, ни изјави Нола Исмајловска-Старова, една од осумтемина „независни“.

Доколку не му биде одземен мандатот на Груевски, законот пропишува дека тој и понатаму останува пратеник, но нема да зема плата и само ќе му бидат платени придонесите до крајот на мандатот. За отсуство од работа, претседателот на Собранието може да казни пратеник со пет проценти од платата и таа казна може да достигне најмногу 35 проценти.

Лобиравме кај ЕПП за поволен извештај

Во ВМРО-ДПМНЕ ја поздравуваат оценката на Европската комисија да ни се даде датум за почеток на преговори со ЕУ, но не веруваат оти тоа ќе се случи. Од најголемата опозициска партија потенцираат дека во извештајот јасно се наведува нивната конструктивна улога во подобрувањето и изгласувањето на реформските закони, а поминаа сите клучни, освен оној за СЈО.

„Не е тајна и дека лобиравме за тоа кај нашите пријатели од Европската народна партија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, во белата палата нотираат дека и во овој извештај јасно се потенцираат слабостите, корупцијата, состојбите во јавната администрација, економијата и владеењето на правото.

„Извештајот констатира постоење на корупција, што е потврда на сите меѓународни извештаи за Македонија кои земјата ја рангираа како најкорумпирана држава во Европа. Во извештајот стои: Корупцијата е предоминантна во многу сектори и Владата не покажува, а треба да покаже дека борбата со корупцијата е национален приоритет. Ова не мора да ни го каже ни ЕУ, ова за жал го гледаме секаде околу нас. За жал, сè поизвесно е дека датум за преговори нема да има и овој јуни и оваа година“, тврди Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски бил спречен да дојде и на предавањето на извештајот

Партискиот лидер, Христијан Мицкоски, во средата добил покана да се качи во претседателската вила во Водно, каде што евроамбасадорот Самуел Жбогар му го предаде извештајот на шефот на државата, Стево Пендаровски, но бил спречен да дојде поради неодложни обврски.

Претходно, претседателот Стево Пендаровски објави дека го поканил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на средба, за која, исто така, бил презафатен деновиве, иако генерално не ја одбил.

Горан Адамовски