„Кога заминав од Карл Либкнехт“ – нова книга на Лидија Димковска
– Секоја приказна е микросвет сам за себе, а сепак сите заедно се една поголема, компакнта целина. Секој од расказите е мининовела, роман, па и материјал за филм со сите нишани. Јасна слика, атмосфера што лесно може да се почувствува. Звуци, мириси, бои што од приказните лесно се префрлуваат на читателот. Тоа е мајсторството на Димковска, тоа е магијата на нејзиното писмо, пишува книжевната критичарка Александра Јуруковска во освртот кон книгата.
Пет од расказите во книгата како целина го добија специјалното признание „Европско културно наследство“ во рамки на конкурсот за расказ „Европски приказни“ наменет за добитниците на Наградата на Европската Унија за литература, која Димковска ја доби во 2013 година.
Лидија Димковска (Скопје, 1971) објавила шест поетски збирки и три романи – „Резервен живот“, „Скриена камера“ и „Но-Уи“. Таа е и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. За своите два романа „Скриена камера“ (2004) и „Резервен живот“ (2012) ја доби наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, а за „Резервен живот“ и наградата на ЕУ за литература. Учествувала на голем број меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на многу книжевни резиденции низ светот.