Кога Скопје гори, нема кој да го гаси


Фото: Б. Грданоски

Градски автобус на ЈСП со број 5 се запали во Општина Ѓорче Петров, а според фотографиите што се споделуваа по социјалните мрежи се гледаше дека гори горниот дел на автобусот.

Возачот бил присебен, ги извадил патниците од автобусот на сигурно и сам се обидел со противпожарен апарат да го изгаси огнот, но не му успеало. На помош му пристигнале шест професионални пожарникари кои го изгасија пожарот, а среќа во несреќа е што притоа нема повредени.

„Шест пожарникари од Противпожарната бригада на Град Скопје веднаш пристигнаа кај запалениот автобус со две возила, а нивната брза интервенција овозможи огнот да биде изгаснат и да не се предизвикува дополнителна штета. Според сведоштвото на возачот, еден од патниците што се возел на горниот кат алармирал дека се појавил чад. Возачот веднаш го застанал автобусот, ги симнал патниците и се обидел сам да го изгасне пожарот со противпожарен апарат, но не успеал, па ги повикал пожарникарите кои веднаш дошле на местото на настанот и проширениот пожар го ставиле под контрола и го изгаснале“, се огласи градоначалникот Петре Шилегов.

Секогаш во вакви ситуации се прашуваме дали противпожарната екипа дошла доволно брзо бидејќи работат со застарена опрема, без доволно возила, но речиси и без кадар. Деновиве на неколку локации околу Скопје гореше, некаде запалени стрништа, некаде депонии, но секогаш пожарникарите се тие што доаѓаа и нè спасуваа од непогодата.

Фото: Б. Грданоски

Скопје треба да има околу 330 пожарникари, но во Противпожарната бригада на Град Скопје работат само 189 луѓе. На Денот на пожарникарите, 20 Мај, во Бригадата за противпожарна заштита беа промовирани 20 пожарникари, а како што тогаш најави градоначалникот Шилегов, предвидени се и дополнителни 50-ина вработувања.

„Проблемот со противпожарната бригада е сериозен, комплексен проблем, за кој јас овие две години наназад зборувам. Прво имаме недоволен број професионални пожарникари согласно децентрализацијата што била извршена во 2005 година. За жал, во текот на претходните администрации пожарникарите кои заминувале во пензија не биле заменувани со нови луѓе“, рече Шилегов пред некој ден прашан дали Скопје има доволно пожарникари да се справат со огновите кои избувнуваат околу главниот град.

Тој објаснува дека Противпожарната бригада на Скопје спаднала на 189 луѓе, што според него е недозволиво имајќи предвид дека по правилата и стандардите треба да има околу 330 пожарникари.

„Јас очекувам во рамки на разговорите и преговорите што ги имаме со Владата, дотациите за зголемување на бројот на пожарникарите да бидат одобрени и ние до крајот на оваа година или почетокот на идната да отвориме нови 50 места, со што би го подигнале бројот на 250 пожарникари“, најави Шилегов. Тој најави исто така дека Градот почнува постапка за набавка на нови возила и нови скали, нешто што не се случило од 2005 година наваму.

„Пожарникар може да ви затреба еднаш во животот, но го плаќате цел живот. Тоа се луѓе кои се херои, кои имаат посебно значење и посебна почит, затоа што секојдневно се изложуваат на личен ризик“, рече Шилегов.

Територијалната единица на Град Скопје располага со 47 возила, просечно стари 26 години, а Противпожарната бригада на Градот Скопје е одговорна и за Општините Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер-Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.

Билјана Богдановска