Кога резервирате карта за „Визер“, прочитајте ги условите


Фото: Б. Грданоски

Пред да летаат со „Визер“, патниците треба внимателно да ги прочитаат условите за превоз на веб-страницата на превозникот. Само така ќе ги знаат правата и обврските, информираат од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Таму не се обратил никој од осумтемина патници кои минатата недела, и покрај тоа што имале резервирани седишта на летот со унгарската нискобуџетна компанија „Визер“ од Берлин за Скопје, биле оставени да го чекаат следниот лет. На нивните седишта имало патници кои порано извршиле резервација. Од авиокомпанијата за „Независен весник“ изјавија дека дозволуваат минимално пребукирање на најпопуларните рути, со цел да овозможи повеќе патници да патуваат, наместо некои седишта да останат празни поради патниците кои воопшто не се појавиле.

„Недоразбирањата најчесто настануваат поради неинформираност на патниците за условите за превозот. Имено, со купување на патничкиот билет за превоз, односно патничко седиште во авионот, се смета дека патникот склучил договор за превоз со превозникот. Се разбира, секој склучен договор ги дефинира правата и обврските на договорните страни, во овој случај патникот и воздушниот превозник. Во минатото, кога имаше печатени авиобилети, тие услови беа содржани во самиот билет. Денес најчесто се работи со електронски резервации, билети за влез во авион што се купуваат на интернет, така што условите за превоз се содржани на веб-страницата на превозникот. Патниците треба внимателно да ги прочитаат условите за превоз пред да ја извршат уплатата, затоа што секој воздушен превозник, покрај општите услови, може да воведе посебни услови, кои можат да бидат специфични само за тој превозник. Поради тоа, ние им препорачуваме на патниците добро и детално да се запознаат со конкретните услови за превоз што им ги нудат авиопревозниците на нивните интернет-страници, за да бидат целосно свесни за своите права и обврски“, објаснуваат од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ).

Најчести проблеми со кои се соочуваат патниците во воздушниот сообраќај се: откажување, доцнење или пренасочување на летот, како и изгубен багаж. За сето ова патникот може да се бара обесштетување од договорниот превозник.

„Во случај на одложен или задоцнет лет, превозникот е должен на патникот да му обезбеди храна и пијалак, ноќевање, како и телефон за да го извести семејството за доцнењето, без разлика дали патникот останал на некој од нашите или европските аеродроми. Доколку одложувањето на летот е преку ноќ, тогаш патниците имаат право на хотелско сместување и трансфер до хотелот. Законот предвидува дека ако летот е одложен повеќе од 3 часа, патникот може да побара да му се вратат сите пари што ги дал за билетот, но само ако одлучи да не го продолжи патувањето. Патниците имаат право на паричен надомест, кој зависи од должината на откажан лет: од 250 евра за летови на релации до 1.500 км, 350 евра за релации до 3.500 км и 600 евра за релации подалечни од 3.500 км. Превозникот не е должен да плати отштета во случај на лоши метеоролошки услови, штрајкови, политичка нестабилност или други настани (виша сила), за кои ќе се докаже дека не зависеле од него“, велат од АЦВ.

Во врска со случајот на пребукирање, од „Визер“ одговорија дека во исклучително неверојатен случај кога сите патници што резервирале се појавуваат, на волонтери ќе им бидат понудени опции да патуваат подоцна или, пак, патниците што се чекирале последни ќе бидат сместени во следниот лет и ќе им биде даден надоместок согласно законот за патнички права.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство велат дека патниците што сметаат дека се нарушени нивните права прво треба да поднесат жалба до авиокомпанијата. Доколку не добијат одговор во рок од шест седмици или не се задоволни од него, треба да поднесат нова жалба, овој пат до воздухопловниот регулатор, односно Агенцијата за цивилно воздухопловство, по пошта или преку посебен формулар. Од АЦВ посочуваат дека нашата национална легислатива е целосно усогласена со правото на ЕУ во делот на заштита на патничките права во воздушниот сообраќај. (А.С.)

 

„Визер“ добива субвенции по три основи

 

Според договорот за субвенционирање што државата го има со „Визер“, авиокомпанијата добива исплати по три основи. За воведување на нова линија еднократно добива 40.000 евра, за секој патник во заминување од охридскиот аеродром, во првата година по 13, во втората – 12 и во третата година 11 евра, а од скопскиот аеродром градацијата од 9 до 7 евра по патник во заминување. Третиот основ за субвенции е за зголемување на фреквенција, кога покрај договорениот, „Визер“ ќе воведе дополнителен лет на иста дестинација, и тогаш добива субвенции за патник во заминување.

Исплатата на субвенциите се врши квартално. Со третиот договор за субвенционирање на летовите, државата на „Визер“ ќе му исплати 5 милиони евра за период од 2019 до 2022 година.