Кога Мило Ѓукановиќ дојде на власт постоеја и Југославија и Советскиот Сојуз


 

Мило Ѓукановиќ беше на власт, барем во некоја форма, речиси 33 години, додека не загуби од Јаков Милатовиќ во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора. Долговечноста на неговото владеење најдобро се илустрира со тоа колку поинаку изгледал светот непосредно пред Мило да стане премиер.

На почетокот на 1991 година, на 15 февруари, Мило Ѓукановиќ (61) стана премиер на Црна Гора, која тогаш сè уште беше дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија, како и другите нејзини членки, а Слободан Милошевиќ беше нов на власт. Ѓукановиќ тогаш имаше 29 години. Иако тоа ќе се случи во многу блиска иднина, граѓанската војна сè уште не изби.

Тогаш постоеше и Советскиот Сојуз, предводен од Михаил Горбачов, а тензиите од Студената војна меѓу СССР и САД полека стивнуваа.

Претседател на Соединетите Американски Држави во тоа време беше Џорџ Буш, постариот, таткото на помладиот Џорџ Буш кој владееше на почетокот на 21 век.

Берлинскиот ѕид беше урнат нешто повеќе од една година пред Мило да дојде на власт, а Источна и Западна Германија само што обединија во една држава.

Чехословачка сè уште не беше распадната и требаше да поминат уште речиси две години до конечното раздвојување на Чешка и Словачка.

Комунизмот беше сè уште актуелен тогаш и барем на некои места, тој сè уште се сметаше за легитимен политички и економски систем.

Самиот Мило Ѓукановиќ потекнува од комунистичко и социјалистичко идеолошко милје и во 1991 година сè уште беше член на Сојузот на комунистите на Црна Гора.

Садам Хусеин беше претседател на Ирак и во тоа време беше на власт „само“ 12 години. Војната во Заливот беше во тек, а операцијата „Пустинска бура“ на американската армија штотуку започна. Садам имаше уште 12 години на власт во Ирак.

Кога Ѓукановиќ стана премиер, човекот што го победи на неделните избори, Јаков Милатовиќ, имаше само пет години.