Кога ќе заврши училишната година

Дали учебната година ќе заврши навреме, како што е вообичаено или ќе биде продолжена поради прекинот во наставата, е прашање што ги мачи родителите чии деца од денес се на 14 дневна пауза поради мерките на Владата за спречување на ширење на корона вирусот.

Од Владата брифираат дека доколку мерките за времен прекин на наставата во наредните две недели се покажат како ефикасни и доволни во борбата против корона вирусот, училишната година најверојатно ќе заврши во предвидениот рок, но доколку мерките продолжат, тогаш не е исклучено и да се пролонгира, или пак да се преработат, односно скратат наставните планови.

Ако 14 дена е доволно, ќе има измена и дополнување на календарот и ќе нема никаков проблем. Ако има нова состојба, според околностите така и ќе постапиме. Има можност и за скратени наставни програми и така да се организира школската година. Нема место за паника и вознемиреност“, рекоа од Владата на брифинг со уредниците на повеќе македонски медиуми.

Надлежните институции, како Министерството за образование и наука и Бирото за образование дополнително ќе ги разгледаат сите околности во врска со влијанието на корона вирусот врз одвивањето на наставата и начините како таа да се надомести.

Во новиот Закон за основно образование исклучена е можноста наставата да се надоместува за време на викендите, па ќе се бараат други можности, велат во Владата. Тука на располагање остануваат неколку други опции, како што се скратени часови, или скратени наставни програми.

„Како ќе се надомести изгубената настава ќе се соопшти дополнително, се зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со ширењето на корона вирусот“, велат од Владата и додаваат дека наставниот кадар може да се појави повремено на работа заради извршување на одредени потреби во спроведување на процесот на работата.

Од Владата исто така додаваат дека во Законот за основно образование се регулираат и случаите кога под 100 дена ќе има прекин на наставата и дека во тој случај ќе се организираат скратени наставни програми. И во Законот за средно образование има конкретни модели што да се прави во случаите кога ќе има прекин наставата.

Ќе постапиме согласно законските прописи и во наредните денови со Бирото за образование ќе има изменување и дополнување на календарот, така што сите основни и средни училишта благовремено ќе бидат известени“, велат од Владата.