Кога ќе се одржат локалните избори – Заев предлага на 31 октомври, опозицијата не сака одложување


Премиерот Зоран Заев вчера најави дека ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со пописот. Ова практично би значело одложување на изборите со оглед на тоа што претседателот на Собранието Талат Џафери претходно најави дека според Уставот изборите би требало да се одржат на 17 октомври.

-Имаме причина за одложување на изборите, а тоа секако е пописот кој ќе се спроведува во септември, и не сакаме кампањата да се поклопи со него, и секако причината е пандемијата за одлагањето. Така што ако не се промени тоа со закон изброрите треба да бидат до 17 октомври, и ќе имаме поклопување на кампањата со Пописот. Предлогот доминанатно од партиите е да биде 31 октомври, ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик, изјави вчера Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека Заев изнел датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите политички партии, што, според партијата, уште еднаш го потврдува фактот дека тој стравува од одржување на локалните избори и од судот на народот.

-Уставот е над се и во оваа држава Заев треба ја прекине праксата на кршење на Уставот на Република Македонија кој патем јасно утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Односно, согласно Уставот локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври. Ако неговиот аргумент е одржувањето на пописот, тогаш Заев може да го одложи пописот за месец ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

На ист став се и партиите на Албанците во земјава кои се во опозиција. И тие се согласни дека според Уставот изборите треба да се одржат на 17 октомври и нагласуваат дека овој датум е нивен предлог. Не гледаат основана причина за одложување на датумот.

Зад предлогот на премиерот и лидер на СДСМ Заев, застана колицискиот партнер БЕСА, а се чека да се изјаснат од ДУИ.

Освен за датумот на одржување на изборите актуелна тема е и соработката меѓу партиите и коалицирањето.

Премиерот вчера информираше дека веќе имал средба со Мендух Тачи и со Билал Касами во врска со претстојните локални избори, а оти до крајот на оваа недела треба да се види и со Али Ахмети. Генерално, сите, како што рече, се реалисти во однос на позиционирањето и потврдуваат меѓусебно помагање.

Според Заев, коалициското поставување е логично и најверојатно 50 отсто таков ќе биде настапот во првиот круг од изборите, додека 25 или 30 проценти ќе биде коалициски настапот во вториот круг.

-Со Тачи се видов пред две-три недели, исто и со Билал Касами, а до крајот на оваа недела треба да се видам со Ахмети. Сите потврдуваме заедничко помагање зашто сме коалиција на централно ниво, а убаво би било тоа да биде преточено и на локално ниво. Логично е коалициски да се поставиме, најголем дел ќе бидат коалициски настапи во првиот круг, 50 отсто, 25 или 30 проценти би биле во вториот круг и некаде по завршуавње на изборите ќе правиме повторно коалиција, објасни Заев, одговорајќи на новинарски прашања.

Сепак, додаде, локалните избори се поразлични  од парламентарните и многу зависи од кандидатите.

На прашањето кого ќе поддржи СДСМ во Тетово, БЕСА или ДУИ, Заев рече дека е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг.

Деновиве, најави, ќе следуваат разговори, но, според него, има и доволно време до изборите, скоро три месеци и нешто повеќе.

Актуелна тема се и измените на Изборниот законик. По најавите дека е постигнат договор со поголемите партии и за отворените листи, но,со праг од три проценти, помалите партии кои го бараа ова, сега се двоумат и стравуваат поради овој праг. Тие бараат отворени листи без никаков праг.

-По повод информацијата дека големите партии се имаат договорено, Изборниот закон да го променат на тој начин што советниците ќе бидат избирани со отворени листи и со цензус од три проценти. ВМРО-Народна партија сака да ја сподели својата анализа дека ова е само уште еден чекор со кој големите партии заеднички се договараат да ги збришат сите мали политички партии од македонската политичка сцена, велат од ВМРО-Народна партија.

Оттаму додаваат дека законот кој беше инициран со мотивација како да им се помогне на малите партии на крајот ќе заврши со цел како да се избришат малите политички партии.