Кога фриленсерите треба да пријават данок за извршената работа

Секој фриленсер кој соработува со некоја домашна компанија нема обврска за пријавување на данок на доход од извршена работа – бидејќи тоа е обврска на домашното правно лице, но тоа е исклучително нивна обврска кога активностите се извршуваат за странски лица


Во текот на вчерашниот ден, за првпат во нашата држава, беше организирана „Freelance Conference” – конференција која на едно место ја собра фриленс заедницата и најважните институционални чинители во фриленс еко-системот.

Како што информираат од тимот повеќе од 200 посетители и учесници имале можност да проследат пет различни панели на кои беа отворени и дискутирани различни прашања и аспекти од исклучителна важност за дополнителниот развој на фриленсингот во нашата држава, биле воспоставени директни контакти со претставници на клучните институции и биле промовирани пристапи за градење на успешна фриленс кариера.

Во првиот панел на кој учествувале претставници од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, УЈП и Управата за финансиско разузнавање, биле дискутирани законските и административни рамки во кои се утврдува односот помеѓу државата и фриленсерите.

-Секој фриленсер кој соработува со некоја домашна компанија нема обврска за пријавување на данок на доход од извршена работа – бидејќи тоа е обврска на домашното правно лице, но тоа е исклучително нивна обврска до секој 10-ти во наредниот месец кога активностите кои се извршуваат за странски лица мора да се пријават. Со новиот систем на УЈП за Електронска пријава преку е-пдд овој процес е исклучително забрзан и целата работа со пријавување и плаќање може да се заврши за неколку минути, истакнува претставникот на УЈП.

Претставникот на Управата за финансиско разузнавање упатил и неколку совети за фриленсерите и потенцираше на што тие мора особено да внимаваат.

 

-Секое користење или релокација на добиени средства од странство кои не се пријавени и за кои не е платен данок се смета за нелегална активност и може да подложи на предвидените одредби за перење на пари. Ова е нешто на што секој фриленсер мора особено да внимава и да не дозволи да биде злоупотребен од  „професионалните перачи на пари“.

Во вториот панел, посветен на здравственото и пензиско осигурување на фриленсерите, учествувале Александар Манев, Кроација Осигурување, Марина Ѓурѓовска, ПроКредит Банка, Васко Богдановски, САВА Пензиско друштво, Горан Мартиноски КБ Пензиско друштво и Никола Бубевски, „Native teams“ кои со присутните ги споделиле најповолните опции за успешно остварување на здравствените услуги и обезбедувањето финансиска сигурност во пензиското доба.

-Во овој момент законодавецот го ограничува користењето на приватно здравствено осигурување ако притоа немате државно здравствено осигурување, но осигурителните компании за фриленсерите можат да понудат и многу други производи со кои можат да ги пресретнат нивните потреби во оваа насока, изјавил Алексадар Манев, извршен директор на Кроација Осигурување.

Горан Мартиновски, раководител на Сектор за управувања со средствата во КБ Пензиско друштво, потенцирал дека за пензијата треба да почне да се размислува веднаш.

-За Вашата пензија треба да почнете да размислувате уште денеска. Има некое непишано правило кое вели дека процентот кој треба да го одвојувате од вашите моментални примања за пензиските денови, не смее да биде помал од бројот на Вашите години поделен со 2“, појаснува Горан Мартиновски

Во Третиот панел на конференцијата учествувале Филип Петровски, Дата мастерс, Крсто Златков, Институт за дизајн и технологија, Ивана Циплаковска, Семос едукација, и Стефан Смилјаноски, Бреинстер, кои ги дискутираа најважните трендови во делот на едукацијата и водечките вештини кои во моментов се препознаени како неопходни на фриленсерскиот пазар на трудот.

Четвртиот панел пред присутните ги донесе искуствата и научените лекции на неколку познати домашни фриленсери како Слободанка Митревска, Горан Атанасовски, Медина Хоџа и Блаже Спирески, кои споделија за нивните почетоци, први клиенти, важни аспекти на кои треба да се внимава во односот фриленсер-клиент, но и за сите позитивни и негативни искуства кои им ги донело фриленсерството.

Иако локацијата на работа може да биде било каде, фриленсингот дефинитивно не е „работа во пижами“ и мора да се сфати како и секоја друга сериозна работа со строго почитување на работното време, договорените рокови и квалитет на испорака, се согласиле панелистите.

Во последниот, петти панел, посветен на „Социјалната инклузија во фриленсингот“, дискутирале Моника Ризовска, Игор Маџов и Ангела Митриновска, кои отвориле важни прашања за вклученоста и потребниот диверзитет кои фриленсингот ги носи, актуелните иницијативи кои се достапни за вклучување, но и идните предизвици на кои мора да се посвети особено внимание.

-“Freelance Conference” покажа дека во нашата држава има исклучително мобилна фриленс-заедница која е спремна да земе активно учество во обликувањето на домашната регулатива прилагодена за новите глобални текови на фриленсингот, но и соодветна улога во создавањето на нови генерации фриленсери кои се спремни да учат и своето знаење да го применат во развојот на домашната и глобалната економија, информираат од тимот.

Конференцијата е дел од RECONOMY програмата – регионална инклузивна и зелена програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка „Sida“, имплементирана од „HELVETAS Swiss Intercooperation“ во партнерство со „Impact Foundation“ и други организации во Источното партнерство и земјите од Западен Балкан.