Коѕијас: Ние сме на вистинската страна на историјата


По повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, на неговиот официјален „Твитер“ профил објави фотографија со министерот за надворешни работи, Никола Димитров и порака дека се на вистинската страна на историјата, јави дописничката на МИА од Атина.

-Поминаа две години, пријателе. Животот нè оправда. Промовиравме соработка и пријателство меѓу нашите луѓе и нашите земји. Ние сме на вистинската страна на историјата. Од затвор, историјата ја претворивме во училиште на иднината, напиша поранешниот шеф на грчката дипломатија на неговиот официјален „Твитер“ профил.

Фотографијата и статусот на Коѕијас ги сподели Никола Димитров, кој додаде дека докажале дека чудата се можни.

-Со зборовите на Мандела, „секогаш изгледа невозможно сè  додека не се заврши“. Ние докажавме пријателе, дека чудата се можни. Дека ние на Балканот, можеме да решаваме и нерешливи  спорови на европски начин. Нашите држави и во состојбата и во пријателството  ги направивме поголеми, напиша Димитров, одговарајќи му на Коѕијас.