Коѕијас: Бугарија е Херкул без мускули
Атина го предупредила Европскиот совет дека Красимир Каракачанов турка политика која е надвор од рамките на ЕУ уште кога бугарското пртседателство со Унијата поставило статуа на лав во градината на Националната палата на културата, кој држеше штит со картата на Сан Стефано како одраз на „Голема Бугарија“. Ова го изјави поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во интервју за „Еуроактив“, осврнувајќи се на блокадата на македонскиот европски пат од страна на Бугарија.
Тој вели дека тонот во Софија го поставува „екстремно десничарската партија ВМРО“ на министерот за одбрана Красимир Каракачанов.
„Бугарија не сфати дека се роди нова нација во Северна Македонија, која има свој јазик. Наместо да ги почитува и придонесува кон мирот и пријателството на луѓето во регионот, Бугарија дејствува на дестабилизирачки начин, преправајќи се дека е Херкул без мускули“, рече Коѕијас.
Во интервјуто тој зборува и за преговорите меѓу Скопје и Атина и склучувањето на Преспанскиот договор. Според него, „Грција и Северна Македонија го постигнаа договорот затоа што успеаја да изградат доверба преку директни контакти, само со ограничено присуство на медијатори, и ова треба да биде лекција за разговорите меѓу Атина и Анкара. Присуството на медијаторот во одредени моменти кога тој добро ја знае темата е потребно, но не за време на целите преговори“, рече тој, додавајќи дека „крајно благородниот и ефикасен“ медијатор на ОН Метју Нимиц не бил присутен во две третини од преговорите.
„Посредникот понекогаш ги отежнува работите“, рече тој, објаснувајќи дека кога двете страни преговараат преку трета, двете постојано се обидуваат да го убедат медијаторот, со што само ги зацврстуваат нивните позиции.
Од друга страна, рече тој, кога двајцата преговараат директно, тие се поконкретни: „Двете страни ги истакнуваат своите главни прашања и потоа истражуваат дали можат да ги стават во позитивен пакет за обете“.
„Кога секогаш го имате медијаторот пред вас, условите за доверба не се формираат. Не го гледате другиот, не зборувате лежерно ноќе“, рече тој.
Според Коѕијас, нападите против неговото семејство, неговиот сопствен живот и делумно нападите врз неговиот колега во Македонија, Никола Димитров, им помогнале на двете страни да сфатат што се случува. И во Грција и во Македонија имаше многу противници на кој било вид билатерален договор.
„Една вечер во Виена седнавме да разговараме за оние што нè напаѓаа. Сфативме дека прашањето не е Македонците наспроти Грците, туку прашање меѓу оние што не сакаа решение, т.н. професионалци за нерешение и оние кои се обидоа да се придвижат кон логиката на добро решение“, вели тој.
Поранешниот шеф на грчката дипломатија во интервјуто за „Еуроактив“ оценува дека Западот го потценил подемот на Кина, а центарот на гравитација се префрли од Атлантикот во Пацификот, каде што Европа нема никаква улога. Коѕијас, инаку е еден од најискусните аналитичари за Кина во Европа. Тој не се согласува со критиките на Западот за кинеските инвестиции во Грција и вели дека се несоодветни.
„Грција е критикувана за инвестициите на ‘Коско’ во пристаништето Пиреја, кога Грција има 0,2% од кинеските инвестиции, додека Германија и Велика Британија имаат 22% и 21%, т.е. 100 пати повеќе“, нагласува Коѕијас.
Осврнувајќи се на Турција, Коѕијас вели дека не е добро да се преговара преку трета страна што има свои интереси и перцепција. За време на минатогодишната ескалација на кризата во Источен Медитеран помеѓу Атина и Анкара, Германија се вклучи како медијатор за да помогне во смирување на тензиите. Но, за Коѕијас, ова е грешка.
„Наместо да се обидувате да разберете и да решите проблем со Турција, вие на крајот се обидувате да влијаете на Берлин или да го убедите да не биде про-турски. Едноставно, преговорите одат на друго место “.
Европа досега не сакаше да воведе санкции против Турција поради поделбите меѓу земјите-членки на ЕУ. За Коѕијас, санкциите не треба да влијаат само на една држава, туку и на персоналот и институциите кои и помагаат на Турција да спроведе незаконски дејства. (Н.В.)