Коцката е жива болест- те привлекува и те остава во немилост


Коцката е жива болест. Викаат можеш да испиеш колку сакаш, да бркаш жени колку сакаш, сè проаѓа, ама коцката никако, вели скопјанец, кој е загрижен за своето детe, кое, како што признава, најголем дел од времето го минува во казината и во спортските обложувачници. Самиот тој, кога бил млад, многупати си ја пробал среќата во овие игри, но на крајот не добил ништо. Сега се кае за изгубеното време и за парите што ги потрошил. Најмногу за синот, надевајќи се оти ќе знае да дигне кочница и да ги послуша неговите зборови. Од искуство тој вели дека сè е наместено, дека игрите на среќа те привлекуваат, те прават зависен и на крај те остават во немилост.

Сè е наместено: добиваш, губиш – добиваш, губиш. Тоа е автомат, тоа е програмирано, дава само за да те привлече, но потоа ти ги зема добивките назад. Мислиш: сега ќе ги вратам, сега ќе ги вратам, и ништо. Јас знам примери, луѓе што си го упропастија семејство, ги оставија жени, си ги продадоа куќите за таа пуста коцка“, вели родителот.

Тој вели дека игрите на среќа треба да се забранат или да се оддалечат, да не бидат блиску до населени места или до училиштата.

„Овие игри треба да бидат каде што не е населено, каде што нема луѓе. Еве, на пример, јас сум бил во Гевгелија, на границата каде што е казиното. Доаѓаат луѓе со автомобили – кој се коцка, се коцка, но не во центар. Обложувачниците треба да бидат на периферија, кој сака нека запали автомобил и нека оди“, смета тој.

Сепак, граѓанинот Зоран Ваневски вели дека ако игрите на среќа се тргнат надвор од градот овој бизнис ќе пропадне, а тоа според него не е добро бидејќи илјадници луѓе ќе останат без работа.

„Ако ги тргнат надвор од градот, на пет километри оддалеченост, мислам дека ќе почнат да пропаѓаат, нема да биде тоа што е сега. Тоа не е добро за вработените што работат во овој сектор. Има спортски обложувачници што имаат илјада вработени. Замислете пет-шест спортски обложувачници, голема социјала ќе се создаде. Нека бидат тука сконцентрирани, на едно место, а не на растојание од пет-шест километри, како што се зборува“, рече Зоран Ваневски.

Стојанче Темелков е еден од оние што останаа без работа пред четири години. Работел во обложувачницата „Вил Хил“, но со нејзиното затворање тој, како и 350 луѓе вработени во неа, останал без леб. Темелков е против затворање на обложувачниците. Според него, со овој чин губи државата. Тој не сакаше да ја коментира причината зошто ја затвориле обложувачницата „Вил Хил“, но истакна дека ја затвориле непотребно.

„Работев во обложувачница која ја затворија и 350 луѓе останаа без работа. Државата од нив најмногу добива од даноци. Оние што ќе се обложуваат пак ќе го прават тоа на интернет, а парите ќе одат во странските компании. А тука 20 отсто одат за државата, за даноци, за кирии, бидејќи кириите се многу високи. Треба само да се ограничи, да биде како забава, а не луѓето да се задолжуваат и да пропаѓаат“, вели Темелков.

Друг граѓанин вели дека игрите на среќа треба да се контролираат од страна на инспекциските органи.

„Мислам дека треба или да се затворат или да се контролираат малку повеќе од страна на инспекциските органи. Вака како што гледам, е многу допуштено, ми се чини дека тука има секакви можности за малверзации и така натаму. Многу често ваквите, да речам пунктови, се отвораат на одредено место бидејќи се смета на надежта на луѓето што живеат во таа средина. За тоа мора да се води сметка и игрите на среќа да се организираат така што нема да влијаат негативно на младите генерации“, истакна Драги Стојковски.

Податоците велат дека во последните пет години во обложувачниците и во казината се завртеле 1,4 милијарда евра. Тоа е приходот, а добивката е 56,5 милиони евра. За шестгодишна лиценца за автомат-клуб се плаќа 78.750 евра, а за казино 600 илјади евра. За тригодишна лиценца за спортска обложувачница, пак, се плаќа 105 илјади евра.

По Албанија, деновиве и Косово ги забрани игрите на среќа во следните 10 години. Овој чекор на владата во Приштина следува по двете убиства што се случија во две коцкарници минатата недела.

„Ние го спроведуваме барањето на собранието. Барањето беше владата да ги забрани сите видови коцкање на период од 10 години, како и сите игри на среќа“, изјави косовскиот премиер Рамуш Харадинај. Следно е одлуката за 30 дена да биде доставена до собранието, по што ќе следува усвојување и стапување во сила. Во Македонија веќе осум месеци во собраниска процедура се наоѓа предлог-законското решение на ДУИ, казината и обложувачниците да се оддалечат од образовните установи најмалку 500 метри. За да видиме до каде е процедурата за овој предлог-закон, „Независен весник“ се обиде да ги контактира поднесителите, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Алими и пратеникот Реџаил Исмаили, но од нив не добивме одговор.

Арменд Мурсели