Коцијанчиќ: Могерини останува единствен посредник во дијалогот Белград-Приштина


Србија- Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Федерика Могерини останува единствен посредник во дијалогот Белград – Приштина, изјави портпаролката на шефицата на европската дипломатија, Маја Коцијанчиќ за „Новости“, по повод најавата дека во целиот процес може активно да се вклучат Германија и Франција.

Таа вели дека го поздравува секој ангажман во поддршката на дијалогот што го олеснува ЕУ, вклучувајќи го и можниот нов состанок и истакнува дека Могерини ја извршува својата мисија.

– Нашите контакти продолжуваат. На пример, високата претставничка ќе учествува на состанокот на лидерите во рамки на процесот Брдо-Бриони во Тирана на 8 и 9 мај. Таа е подготвена повторно да повика на дијалог. Исто така е јасно дека косовската влада треба да ги укине тарифите за да овозможи брзо обновување на дијалогот, рече Коцијанчиќ.

Осврнувајќи се на одржаниот самит во Берлин, Коцијанчиќ истакна дека овој собир даде можност за неформална размена на мислења, кои беа отворени и искрени.

– Состанокот, исто така, даде важен сигнал за ангажманот на двете земји-членки, Германија и Франција, заедно со другите, и натаму, со поголема посветеност, да го поддржуваат дијалогот меѓу Белград и Приштина, рече Коцијанчиќ.