Кочо Анѓушев ќе се повлече од политиката по изборите


Вицепремиерот Кочо Анѓушев се повлекува од политиката, и после изборите, без оглед на нивниот исход, ќе им се врати на своите компании и на Машинскиот факултет каде што предаваше. Ова тој го изјави за емисијата Топ тема на телевизијата Телма. Една од причините е што неговите најчесни намери да и помогне на државата, како што вели, не биле секогаш најдобро прифатени од граѓаните.

„Кога прифатив да бидам дел од Владата моите намери беа најчесни, со знаењето што го имав стекнато, да и помогнам на државата. Но, за овој период приходите во моите компании опаднаа, а и профитите, некаде и до 50 отсто. Тоа не е само заради неучеството на тендерите, туку и заради моето отсуство. Ќе си го доработам мандатот, но бидејќи не сум член на ни една партија, нема да продолжам со политиката во перспектива“, рече вицепремиерот, кој на оваа позиција дојде предложен од бизнис секторот.