Кочо Анѓушев до Билјана Ивановска: „Не сум сопственик на ‘Еуроникел’“


 

Бизнисменот Кочо Анѓушев ги демантира тврдењaта на Билјана Ивановска, претседател на Антикорупциската комисија, дека тој е сопственик на фирмата „Еуроникел“ (која е сегашен сопственик на поранешно ФЕНИ), реагираат од компанијата „Фероинвест“.

Ивановска, според соопштението, го изнесла тоа тврдење во емисијата „Топ тема“ на Телма.

,,Не сум сопственик, ниту сум имал ниту имам некаква сопственичка врска со ФЕНИ и ‘Еуроникел’ и Антикорупциската комисија си има документи од кои се гледа кој е сопственик. Тие документи се наоѓаат во Централен регистар и секој граѓанин може да ги види. Не можам да разберам зошто Ивановска го зборува ова“, вели Анѓушев.

Од компанијата велат дека и покрај телефонски разговор со претставник од „Фероинвест“ кој ѝ предочил дека податокот не е точен, Ивановска го застапувала нејзиниот став.

Во соопштението се додава: „Сметаме дека е важно да се знае каде на други места Билјана Ивановска дала ваква погрешна информација и тврдења за Кочо Анѓушев, пред кои институции, пријателски држави и други инстанции“.