Кочанчани ќе штрајкуваат пред фабриката „Пејпер мил“ поради загадувањето


Од денеска, од 16 до 18 часот, ќе се одржуваат протести пред влезот во фабриката за хартија „Пејпер Мил“ во Кочани. Ана Симонова, еко-активист од овој град, вели дека очекува масовност на протестот кој не е партиски туку организиран од група граѓани на Кочани со цел за почист воздух и здрава животна средина.

– Време е да го заштитиме сопственото здравје и затоа неопходна е масовност и будење на народот – вели Симонова.

Протестот ќе биде уредно пријавен во полиција. Преклани имаше голем мирен протест пред фабриката за да алармираат за проблемот што го прави, како што рекоа тогаш, најголемиот загадувач на градот и сметаат дека треба повторно да излезат на улица.

На 14 јануари лани, фабриката се затвори откако една недела претходно Државниот инспекторат за животна средина ѝ нареди да работи на гас, поради надминување на емисиите од оџакот кои биле направени на 30 декември 2020 година. Четири месеци подоцна од фабриката најавија дека набавиле и инсталирале нов филтер.

Од ДИЖС тогаш информираа дека од фабриката направиле и план за мерење на емисиите во воздухот, коишто ќе се вршат во период од две недели, додека да се изврши штелување и приспособување на процесот на пробна работа со филтерот.