Кочан сепак оди во затвор


Кривичниот суд го одби барањето на бизнисменот Сеад Кочан за одложување на одењето во затвор на 17 јули за предметот на СЈО „Труст“, соопштија од судот.

„Во однос на предметот од обвинителството означен како „Труст“, молбата за одлагање на извршувањето на санкцијата е одбиена како неоснована и истата е доставена до странките во постапката“, соопшти Кривичниот суд.

Осудениот бизнисмен поднесе барање до судот за одложување на издржувањето на затворската казна бидејќи имал да заврши некоја работа, но најверојатно не навел доволно силна причина за да го убеди судот. Од Врховен суд велат дека таму нема стигнато никакво барање од Сеад Кочан.

Бизнисменот има упатен акт да се јави во казнено-поправна установа на 17 јули на издржување на затворската казна. Тој е правосилно осуден на 4 години и 8 месеци затвор во предметот на СЈО „Труст“ за добивање на незаконски тендер од 2011 година распишан од државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.

Основниот кривичен суд Скопје првостепено го осуди Кочан на 6 години затвор лани на 20 јули, а на 11 март годинава Апелацискиот суд му ја намали казната на 4 години и 8 месеци. Второобвинетиот во истиот предмет, Василие Авировиќ, доби две години условно од Апелација, откако првостепено беше осуден на три години затвор.