Кочан најверојатно нема утре да оди во затвор


Осудениот бизнисмен Сеад Кочан, в среда, 17 јули, датум кој му го одреди судот за да почне со издржувањето на затворската казна од четири години и осум месеци, можно е да не оди в затвор. Кривичниот совет му ја отфрли првата жалба и го потврди решението на судијата за извршување на санкции кој му го одби барањето на Кочан да му се одложи затворот затоа што имал незавршени работи. Но пред да биде соопштено решението на Кривичниот совет, бизнисменот легна болен и поднесе ново барање за одложување на казната затвор, сега поради здравствени причини.

„Кај судија за извршување санкции доставено е ново барање за одлагање на извршувањето на затворската казна за кое е потребно да се извршат неопходни извиди по што судија ќе одлучува, а по донесеното решение странките и јавноста ќе бидат навремено известени“, се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

Судијата за извршување санкции има рок за одлучување, но тој рок почнува да тече откако судијата ќе ја разгледа медицинската документација што ја доставил Кочан. Со оглед на тоа дека останаа уште два дена, сосема е веројатно дека Кочан в среда нема да оди в затвор. Од Кривичниот суд се повикуваат на членови од Законот за извршување санкции, според кои одлучувањето на судијата го одложува извршувањето на казната.

„По барањето за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор решава судијата за извршување на санкциите, кој е должен да донесе решение во најкус можен рок по приемот на барањето. Пред донесувањето на решението судијата може да ги провери околностите наведени во барањето. До донесувањето на решението по барањето се одлага почетокот на извршувањето на казната“, се вели во Законот.

Против решението на судијата, Кочан има право на жалба и до кривичниот совет на надлежниот суд во рок од три дена од денот на приемот на првостепеното решение. И оваа жалба го одлага извршувањето на казната.

Откако поранешниот премиер Никола Груевски се спаси од затворската казна и избега во Будимпешта, поранешната министерка Гордана Јанкулоска ја спаси Врховниот суд, сè поизвесно е дека и Кочан ќе ги изигра процедурите и нема да оди в затвор.

Тој во меѓувреме, исто како и Јанкулоска, поднесе барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата, но од судот соопштија дека пресудата за него не може да биде испратена до највисокиот суд додека не му бидат конфискувани парите. Паралелно, Агенцијата за управување со запленет имот му го проверува замрзнатиот имот и треба да почне со конфискацијата на движен и недвижен имот во висина од околу 17 милиони евра од „Трансмет“.

Ова беше одлучено со правосилната пресуда, според која Сеад Кочан е осуден за добивање тендер вреден 17 милиони евра за ископ на јаглен и суровина со лажна документација на конзорциумот, заедно со „Силекс неметали“.

Едната варијанта според која Кочан може да го избегне затворот е да му биде одложена казната за доволно долго време, парите ќе му ги конфискуваат, а Врховен ќе го запре извршувањето на казната додека не ја преиспита пресудата.

На Кочан ова му е второ разболување пред да оди в затвор. Кога требаше да оди во притвор пред две години, Кочан избега од земјава, со образложение дека бил на службен пат. И додека полицијата го бараше со потерница, тој се врати во земјава, но беше примен во болница како итен случај.

Сепак, Кочан се врати во земјава на безбедно откако Врховниот суд донесе одлука да му го укине притворот. За оваа одлука Судскиот совет со години води постапка за разрешување на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски и уште двајца судии.

Кочан и Василије Авировиќ во јули минатата година беа прогласени за виновни во судскиот процес „Труст“, за злоупотреба на јавна набавка. Судскиот процес траеше точно осум месеци и имаше повеќе од 20 рочишта. Кочан и Авировиќ, односно „Трансмет“ и „Силекс неметали“, според СЈО со лажни документи добиле тендер од ЕЛЕМ вреден 17,3 милиони евра. Апелацискиот суд им ги намали затворските казни на осудените, на Кочан му ја намали од шест на четири години и осум месеци, а Василије, кој е син на пратеничката Владанка Авировиќ, доби условна казна. Неговата мајка во Собранието гласаше за уставните измени за имплементирање на договорот со Преспа со кој се промени името на земјава.

Фросина Факова-Серафиновиќ