Коцевски тврди: Почнале да гонат корупција, но не заради притисок од власта
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека упатството за давање приоритет на предметите за корупција се совпаднало со најавите на премиерот Христијан Мицкоски за акција против корумпираните судии и обвинители. Коцевски не се согласува со тезата дека со упатството тој признава дека обвинителствата не постапувале како што треба до тој момент и нагласува дека јавното обвинителство континуирано работи, но проблемот е во тешкото обезбедување на докази.
– Во конкретниот случај, можеби се совпадна она што премиерот го кажа и тоа што беше моја намера – да се даде приоритет на сите предмети што се во интерес на јавноста. Тоа го разработував извесно време, меѓутоа некои работи се совпаднаа. Со тоа што можам да кажам дека ја уверувам јавноста дека не може јавното обвинителство да биде под притисок на власта или опозицијата затоа што јавното обвинителство мора да работи согласно закон и правилата ко ги предвидува самиот закон, вели Коцевски во интервју за „360 степени“.
Според Коцевски, јавното обвинителство континуирано работи, но проблем е во тешкото обезбедување на докази.
– Јавното обвинителство континуирано работи, меѓутоа проблем е што доказите многу тешко се обезбедуваат и овој приоритет не е само за јавните обвинители да даваат приоритет на предметите за корупција, туку да ги ажурираат сите предмети, имајќи предвид дека сите наредби што се даваат до одредени органи, во одреден период не се добиваат соодветни докази. Што значи дека јавното обвинителство сега даде приоритет за ажурирање на сите оние предмети, на сите оние наредби по коишто се постапува за да се добијат одредени докази од страна на органите од коишто се бараат, вели Коцевски.
Државниот јавен обвинител изјави дека нема сомнеж во работата на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), ниту во јавниот обвинител што го води тоа обвинителство. Истакнува дека надзорите во обвинителствата се редовна пракса и не се реакција на критиките од извршната власт.
– Не само во Јавното обвинителство за организиран криминал, туку и во сите други јавни обвинителства е вршен надзор со тоа што во вишите јавни обвинителства во цела држава последните четири години не е вршен никаков надзор. Надзорот треба да се врши двапати годишно. Во последните четири години, со оглед дека не беше вршен надзор, причините не ги знам, како државен јавен обвинител дадов наредба да се изврши надзор во сите виши јавни обвинителства, да се изврши надзор во јавното обвинителство за организиран криминал, да се изврши надзор во работењето на јавниот обвинител за Европравда и да се изврши надзор на јавниот обвинител што го води одделението за меѓународна правна помош. Никогаш не се вршело надзор на овие две одделенија, а надзор во Јавното обвинителство за организиран криминал ми се чини некаде најмалку околу две години не е вршен, истакнува Коцевски.
Во врска со случувањата со скопскиот виш обвинител Мустафа Хајрулахи, кој е суспендиран и против кого се водат и дисциплинска и кривична постапка, односно на прашањето зошто, и покрај ветувањата, не е објавен извештајот од надзорот во Вишото јавно обвинителство Скопје, рече дека е поради тоа што е доказ во тековната постапка. Коцевски информираше дека јавниот обвинител кој го води предметот во ОЈО Штип оценил дека покрај пријавата поднесена од група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје за кривично дело малтретирање во вршење на службата, против Хајрулахи има и друго кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување.
На потсетрувањето дека во врска со овој случај иницирал дисциплинска постапка и против јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, затоа што во четири предмети се откажал од жалба или обвинение, а во три од овие четири случаи добил согласност од неговиот шеф Мустафа Хајрулахи, Коцевски одговори дека се работи за предмети коишто навистина се за големи износи.
-Едниот предмет е за околу 840. 000 евра, а е повлечена жалбата. Вториот предмет е навистина за голема сума, се работи за околу осум милиони евра. Третиот и четвртиот предмет, ако се сумираа, можеби има вкупно за сите четири околу десет милиони евра, каде што жалбата е повлечена или повлечено обвинение. Имајќи предвид дека се работи за многу, многу високи износи, значи тоа само го направиле обвинителот кој е обработувач на предметот и вишиот јавен обвинител. Во вакви случаи, кога се работи за предмети коишто се од многу висок јавен интерес, кога се работи за предмети во коишто навистина има голема штета, треба многу голема претпазливост и јавниот обвинител кој што го работи предметот заедно со вишиот јавен обвинител треба истиот да го реферира, рече Коцевски.
Сумирајќи тој посочи дека има две дисциплински постапки – едната против двајцата јавни обвинители, а другата дисциплинска постапка против вишиот јавен обвинител и дека народски кажано, едната постапка е за нарушување на честа и угледот на Јавното обвинителство и местење предмети.
“Предметите се местеле кај еден ист јавен обвинител – овие четири, каде што тој јавен обвинител повлекол жалба односно се откажал од обвинение’, објасни Коцевски.
На забелешката дека при изборот на Ислам Абази се крена голема прашина, се појавија негови фотографии со првенци на ДУИ и со луѓе блиски до првенци на ДУИ и дека сега се прават алузии дека тој постапува само во случаи во коишто не се засегнати функционери на ДУИ, Коцевски рече:
-Ислам Абазибеше избран од страна на јавните обвинители од целата држава, што значи во тој дел не може никој да се сомнева во неговиот избор затоа што тој освои најголем број гласови. Во однос на предметите што ги води јавното обвинителство за организиран криминал, од она што има докази, јавното обвинителство, по мои информации, по сите постапи. Еве, можам да нагласам дека од ДУИ, ако така се гледа, беше и членот на Советот на јавни обвинители. Јавното обвинителство го реши предметот, судијата доби затворска казна. Со оглед на квалификацијата на кривичното дело, и членот на Советот за јавни обвинители беше огласен за виновен и доби условна. Што значи дека јавното обвинителство за организиран криминал постапува по секоја пријава и досега немам никакви сознанија дека се врши селекција во однос на членови на ДУИ или некој друг, рече Коцевски.