Коалициските партнери на СДСМ даваaт зелено светло за ВМРО-ДПМНЕ да влезе во владата


Фото: Б. Грданоски

 

Предлогот на премиерот Димитар Ковачевски до Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени и веднаш потоа да влезе во владата е прифатливо за коалициските и владини партнери на СДСМ.

Либерално-демократската партија (ЛДП) е подготвена да го прифати влегувањето на ВМРО-ДПМНЕ во владејачката коалиција доколку опозицијата ги поддржи уставните измени. Според претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, европската иднина на граѓаните е најважна.

„Европската иднина на граѓаните е најважна и секако напредокот на Македонија во преговорите со Европската унија и отворање на кластерите. И токму затоа го поздравуваме расположението на ВМРО-ДПМНЕ во нивниот избор да дадат поддршка во евроинтеграциските процеси и да гласаат за промена на Уставот. Добро е што ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени, но истите да стапат во сила пред формирањето на влада во која би се приклучиле како опозициска партија. Сите заедно имаме одговорност по кој пат ќе ја движиме државата и каков стандард ќе им обезбедиме на граѓаните“, вели Зајкова.

НСДП исто така поддржува влез во Владата на ВМРО-ДПМНЕ откако ќе се изгласа потребата од измени на Уставот. Тие го поздравија одржувањето на лидерската средба во насока на политичкото обединување на кое повикаа пред две недели и кое е неопходно за да се загарантира европската иднина на државата.

„Го поздравуваме прогресот во ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени, кој процес треба веднаш да се започне во Собранието. НСДП е спремна со своите пратеници да поддржи влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата со цел остварување на највисокиот стратешки државен интерес-членство во Европската Унија, откако во Собранието заеднички ќе изгласаме прифаќање на Иницијативата за уставните измени“, порачаа од НСДП.

За НСДП македонскиот јазик и македонскиот идентитет се загарантирани и заштитени со усвојувањето на преговарачката рамка и нема простор за загриженост, тие се гарантирани од нашите стратешки партнери Европската Унија и САД.

И Извршниот одбор на ДОМ поддржува влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата за продолжување на евроинтеграциските процеси.

„ДОМ го поздравува ставот на ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени и ќе поддржи влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, откако во Собранието заеднички ќе се усвои потребата од измени на Уставот“, се наведува во соопштението од ДОМ.

ДУИ веќе потврди е подготвена да поддржи Влада без нив до избори – доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада. Артан Груби на средба со заменик американскиот амбасадор во земјава Ерик Мејер истакна дека поважна е европската иднина на граѓаните и на нашата држава и дека ДУИ се подготвени за секаква одлука што би овозможила консензуално одобрување на уставните измени.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари рече дека не е важно кој предлог на Ковачевски или Мицкоски е поприфатлив. Според лидерот на АА поважно е да се изгласаат уставните измени.

„Она што е важно за нас е дека ВМРО-ДПМНЕ веќе дава позитивни сигнали дека се подготвени да гласаат за уставните измени, нешто што веќе го кажавме пред месец-два дека на крајот ВМРО повторно ќе гласа за уставните измени. Предлогот веќе не е важен, за нас како политичка партија е важна агендата, додека агендата и единствениот пат на Македонија е патот кон ЕУ, без разлика на комбинациите и опциите кои се нудат, ние сме тука да ги поддржиме и помогнеме патот на РСМ да продолжи кон почеток на преговорите со ЕУ“, вели Арбен Таравари.ија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 земји членки. .

Централниот и Извршниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници на кои тема ќе бидат начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.