Коалицијата „За обнова на Македонија“ на конвенција ги претстави кандидатите за пратениците


Христијан Мицкоски на барањата за оставка одговори со радикализацијата на односот кон новата влада по само 10 дена

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ вечерва во Македонската филхармонија на конвенција ги претставија кандидатите за пратеници на предвремените парламентарни избори.

Пред присутните се обратија лидерот на партијата Христијан Мицкоски и носителите на кандидатските листи во шестте изборни единици.

-Македонија заслужува обнова. Обнова на системот на вредности, обнова во секоја сфера од нашето општество, обнова во секој град и село, обнова која носи убави нешта за работниците, земјоделците, стопанствениците, пензионерите, невработените, младите и старите, мажите и жените, сите оние кои денес заедно со нас на нозе се креваат, креваат глава гордо и високо, и се исправаат, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, обраќајќи се на вечерашната конвенција.

Истакна дека нивната победа е обновата. Обнова, додаде, која ќе донесе повеќе за секого, повеќе правда, повеќе вредности, принципи, работа, повеќе пари, повеќе здравје, повеќе среќа, ред, сигурност и насмевки на лицата на нашите граѓани и верба дека ќе успееме.

-Македонија не смее да остане извалкана од печалбарите во политиката, туку мора да ја изградиме за да остане дом за идните генерации. Од политиката денес за жал граѓаните ја видоа само темната страна, со сите нејзини подлости, недостатоци, жолчност и иритирачка реалност. Но политиката пред се мора да биде доблест, прагма која решава проблеми, гради мостови, и создава иднина. Политика базирана на морален кодекс кој ќе биде примерот по кој мора да се раководи секој еден кој сака да работи за Македонија. И само така ќе одиме вистински напред. А, јас само така ја разбирам својата улога во политиката, потенцира Мицкоски.

Гордана Силјановска, носител на кандидатската листа во ИЕ 1, се заблагодари за повторното разбирање за некој кој е натпартиски.

-Мислам дека критиката е здрава работа. И она што ме израдува овој пат е кога на листата видов луѓе за кои не знам, не сум чула, прашував, но дознав дека се почитувани во средината и во професијата, рече Силјановска, која додаде дека му порачала на лидерот на партијата Мицкоски дека мора да направи влада што ќе личи на него, влада што ќе биде како експертска, влада во која ќе седат луѓе кои во професијата се препознаени и знаат што да прават, влада помала од оваа, мора да побарате сами да одговарате на пратенички прашања еден ден во неделата, тоа одамна не сме го виделе.

Носителот на кандидатската листа во ИЕ2 Владо Мисајловски повика сите од коалицијата да излезат на терен да ги посетат граѓаните, да им се извинат ако нешто згрешиле во минатото, но она што ќе го ветат да го исполнат.


-Има навистина многу работа на терен, јас во мојата Изборна единица ќе имам тешка борба, ќе имам борба со технички премиер, зборувам за политичката борба со техничката министерка за внатрешни работи, директорката на УЈП, раководител на УЈП, целиот систем на прогон влегува во Втората Изборна единица. Но, јас ги имам овие луѓе тука и сите на купче ќе ве победиме, да знаете, порача Мисајловски.

Игор Јанушев, носител на листата во ИЕ 3 потенцира дека по 12 април ја почнуваат обновата и ќе стават крај на поазите.

-После 12 април Македонија се исправува, Македонија почнува да чекори напред и победува. Да создадеме перспективи и иднина тука во Македонија, рече Јанушев на конвенцијата.

Носител на листата на кандидати за пратеници во четвртата изборна единица е Александар Николовски кој вели дека ќе го победи Зоран Заев.

-Со Зоран Заев ќе се натпреваруваме во Четвртата изборна единица и во Македонија со програма, со концепти, со луѓе. Тоа ќе е до 12., а после 12 април правдата во Македонија ќе дојде и Зоран Заев ќе одговара, рече Николовски.
Игор Дурловски, како носител на кандидатската листа за пратеници во ИЕ 5 порача дека задача на сите е да се борат за вистинска слобода на македонскиот народ и на сите останати во Република Македонија.

-Ако сме тука за да ги браниме нашите принципиелни ставови, да се бориме за Македонија, за вистински вредности, тогаш да го направиме тоа сега, силно, здружено. Сигурен сум дека ќе работиме тимски, ќе го вреднуваме заедничкиот труд, ќе ја вложиме целата енергија за победа на овие избори, рече Дурловски.
Дафина Стојановска како носител на кандидатската листа во ИЕ 6 истакна дека на 12 април почнува процес на обнова на Македонија, обнова, како што вели од темели, зашто до темел ни го срушија достоинството, зашто до темели ни ја срушија економијата и зашто до темели ни го уништија гнездото.

-Пред нас е период во кој секој еден од нас треба да сфати дека на Македонија и е потребен спас. Тој спас можеме само ние да го донесеме, не затоа што сме најголемата политичка организација во држава, туку затоа што знаеме да ја сакаме својата држава и својот народ и затоа мораме да докажеме дека ние навистина можеме да ја спасиме Македонија од натамошно нејзино уништување, рече Стојановска