Коалицијата ВЛЕН е пред распад, што ќе биде со Владата?
Доколку трите останати партнери во ВЛЕН бараат Таравари да се исфрли од Владата, тоа ќе му создаде непријатни проблеми на премиерот Мицкоски

Алијанса за Албанците на Арбен Таравари реши вчера да остане во ВЛЕН, но сепак на локалните избори да излезе со сопствена листа на кандидати за советници. Дали оваа политичка ситуација „ни риба, ни девојка“ може да опстане и значи ли ова почеток на крајот на коалицијата на четирите албански партии, е дилема што се наметна по вчерашната одлука на сопартијците на Тараври.
Уште поважно е сепак како оваа одлука на Таравари ќе се одрази на владината коалиција, дали ќе предизвика реконфигурација во неа, дали ќе биде изговор за предвремени избори и дали отвора врата за ДУИ да влезе во Владата?
Според Сефер Селими, извршен директор на „Демокраси лаб“ и аналитичар, со вчерашната одлука на Алијансата за Албанците на Таравари станува сѐ појасно дека коалицијата ВЛЕН е пред распад во овој формат во кој функционираше во власта. Според него, одлуката оди сосема спротивно на тоа за што беше формирана ВЛЕН и со неа топката се префрла кај нив, за лидерите на трите партии да ја донесат финалната одлука за растурање на коалицијата и за крај на соработката, при што двете страни се обидуваат стратешки да го изведат подобро за да не бидат тие виновни за распадот.
Околу прашањето што беше клучно за овие случувања, Селими вели дека влијаеле премногу фактори, и дека иако површински изгледаше дека коалицијата функционира добро, внатре имало сериозни разидувања и подолг период ВЛЕН функционирала како два блока. Тие фактори тој ги лоцираше во различните партиски интереси, околу поделбата на политичкиот колач во власта и различните партиски агенди.
„На крајот сѐ се сведе на тоа кој е најбитниот во коалицијата. Според последните објавени анкети Алијансата на Таравари стои подобро од трите други членки на коалицијата. Освен тоа, неговата партија има пораширена партиска структура додека останатите делуваат локализирано“, смета Селими, практично посочувајќи дека политичката математика покажува дека му е подобро да оди сам отколку со нив на изборите. Во коалицискиот договор на ВЛЕН сите партии добиваат ист процент од власта, а на терен состојбата не е таква.

„Како ќе се одрази овој распад на Владата ќе видиме. Сѐ ќе зависи од тоа колку ќе инсистираат трите партии да се исклучи Таравари од власта. Тоа би бил нормален тек на работите, бидејќи во спротивно конфликтот во ВЛЕН ќе се пренесе внатре во Владата и ќе се одрази на нејзината ефикасност и функционирање. Уште повеќе што веќе тлее конфликт меѓу ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ и има сериозен конфликт меѓу ЗНАМ и ВЛЕН. Со овој раздор во ВЛЕН коалицијата станува какофонија“, смета Селими.
На прашањето дали раздорот во ВЛЕН му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски, односно дали му одговара да има слаби партнери внатре во коалицијата, Селими одговара дека за тоа може да има еден ефект на краток и друг на долг рок.
„Премиерот Христијан Мицкоски се води од ароганцијата на бројките што неочекувано ги доби на изборите, а ароганцијата се претвора во главоболка кај политичарите кои не можат да проценат колкава е нивната улога и одговорноста“, вели Селими додавајќи дека на Мицкоски моментално му е во интерес да има слаби партнери во владината коалиција, но по трагедијата во Кочани и селективното спроведување на правдата нештата ќе се поместуваат. Владината коалиција сега има 78 пратеници, но ако си заминат петтемина од Алијансата на Таравари ќе бидат 73 што е далеку од бројката за двотретинско мнозинство.
Таравари синоќа по одлуката на на врвот на партијата да одат самостојно на локалните избори рече дека тоа не значи дека ќе ја напуштат владата. „Не планираме, бидејќи во Владата има повеќе партии, а една од нив е и Алијанса за Албанците. Така што, не гледам дека ова е причина за излегување од Владата“, нагласи тој.

Таравари вели дека сѐ уште немаат одлука за кандидатите за градоначалници.
„Заклучокот на Централното претседателство, каде што беа присутни и претседатели на ограноци, е дека Алијанса за Албанците во овој период се обиде да побара алатка за избор на кандидатите на ВЛЕН за градоначалници – да биде со анкети, сондажи… Меѓутоа тоа беше одбиено“, обелодени тој.
Смета дека ако седнат четири-пет претседатели на партии или работни групи, и тие да избираат кој која општина ќе ја земе, тоа не е начин на изнаоѓање на решение за градоначалник, бидејќи на крајот сите губат. Тој го отфрли ултиматумот на другите три партнери од „Вреди“ да се изјаснат со кого се како неумесен и неприфатлив.
Дали кризата во ВЛЕН отвора врата за ДУИ да се врати во Владата? – е дилема што Сефер Селими ја отфрла ако нема предвремени избори со локалните. Според него, по две ипол години демонизација и директна пресметка со ДУИ, по сите кампањи за оцрнување и по таргетираната борба против корупцијата, на Мицкоски ќе му треба сериозно оправдување пред неговите гласачи зошто оваа партија мора евентуално да биде дел од власта. Според него, и пораките од ДУИ се јасни – дека без предвремени избори нема да прифатат да бидат дел од власта, што ја прави сѐ поверојатна можноста со локалните да има и предвремени избори во земјата.
И факторот Курти за Селими има улога во слабеењето на ВЛЕН.
„Ако косовскиот премиер во оставка Албин Курти не формира влада, тоа ќе се одрази и на ВЛЕН. Со отцепувањето на Таравари се покажа дека Курти веќе нема целосна контрола врз коалицијата, иако беше клучен фактор во нејзиното формирање и им беше главна морална поткрепа како партии што изгубија од ДУИ на изборите да испаднат победници“, смета Селими.
Според негова оценка, поголем дел од Албанците подолго време бараат политичка алтернатива и промена на луѓето што се на власт. Но, начинот на кој ВЛЕН ја консумираше власта и на кој ја спроведуваше промената тешко разочара поголем дел од нив. Тоа се гледа и во анкетите и меѓу албанските интелектуалци кои ја критикуваат нивната работа.
„ВЛЕН не само што не можеше да додаде вредност за државата и за Албанците, туку не успеа ни да ги зачуваат постигнатите права на Албанците“, оценува Сефер Селими.